Македонија

26 јули, 2019

Макфестовскиот евергрин „Ти си тој“ го слави 20. роденден

Еден од најпознатите макфестовски хитови и македонски евергрини, баладата „Ти си тој“ годинава го слави својот 20. роденден. Потпишана од композиторот и аранжер Петар Димовски и текстописецот Огнен Неделковски, песната на познатиот фестивал во 1999 година ја отпеа легендарната Лидија Кочовска, и до денес е позната како еден од нејзините најголеми хитови.

Ovaa godina eden od moite najgolemi hitovi slavi jubileen 20ti rodenden ❤ vo celiot ovoj period od dve decenii, otvoreni…

Gepostet von Lidija Kocovska am Donnerstag, 25. Juli 2019

 

„Во целиот овој период од две децении, отворени се илјадници свадби, овековечени еден куп љубови, како од мене, така и од мои колеги-пејачи, бендови… посакувам секогаш да се пее и да живее, дај Боже и за отворање на златни свадби. Нема посреќен човек од мене кога моето дело е дел од нечија среќа! Ова не го сфаќајте како фраза, туку како најголема вистина – сите неизмерно ве сакам“, напиша пејачката по повод јубилејот на овој безвременски рефрен.

„Во тој период бев многу заљубена, беше тоа почеток на една врска. Тоа беше првпат во животот да му се јавам на Огнен и да му кажам: ’Огнен, вака и вака се чувствувам, те молам стави го тоа на лист хартија.’“, раскажа Лидија за приказната зад овој евергрин. „’Ти си тој’ е мојата реална приказна, веројатно и заради тоа толкав белег остави, веројатно бидејќи и јас во моментот сум се чувствувала така, Огнен ги пренел тие чувства на хартија, јас сум ги отпеала, значи сум ја внела душата во тие зборови“, додаде таа во разговор со „Ексклузив порано годинава, најавувајќи и интересен нов проект со призвук на музиката од нејзините исто толку легендарни родители од групата „Мањифико“.

 

Кочовска, која повеќе од една деценија е дел од Хорот на МОБ, на „Макфест“ последно настапи во 2014 година со темата „Љубов недозволена“, а и покрај долгото отсуство, изминативе години нè почести со песните „Верувам“ и „Потполни странци“, како и неодамна претставената преработка на емотивната „Болна вистина, оригинално отпеана од Андријана Алачки и Ирена Спасовска на битолскиот фестивал „Интерфест“ во 1992 година.



Врати се горе ↑