Македонија makfest2

9 март, 2017

„Макфест“ се враќа на традиционалниот октомвриски термин

По пауза од три години, фестивалот на забавна музика „Макфест“ годинава повторно ќе се одржи во традиционалниот октомвриски термин. Директорот на фестивалот „Макфест“, Љупчо Мирковски на вчерашната прес-конференција рече дека до пред неколку години обичај беше фестивалот да се одржува токму во октомври, а стариот датум се враќа на барање на штипјани. Жирито на фестивалот од вчера започна со преслушување на композициите кои се пристигнати на конкурсот што заврши на 27 февруари.

„Можам да кажам дека сме мошне задоволни од пристигната бројка на композиции. Пристигнати се некаде околу 140  песни, дел од нив се од домашни, а дел од странски автори. Тоа е благодарејќи на она што го правевме минатата година со странските изведувачи по што малку се прошири веста низ Европа дека овде има фестивал кој заслужува внимание“, рече Мирковски, посочувајќи дека се пристигнати песни од Киргистан, Белорусија, Шведска, Норвешка, Германија, Куба и од Шпанија.

Фестивалот „Макфест“ ќе се одржи на петти, шести и седми октомври. Првите две вечери се полуфинални и на нив ќе настапат и домашните и странски изведувачи, а третата на седми октомври е финалната вечер. Мирковски најави дека ќе имаат новини во делот на гласањето, а наградите за најдобрите изведувачи и композиции остануваат исти, односно првата награда носи 10.000 евра, втората 7.500 евра, а третата 5.000 евра.

Фестивалот „Макфест“ и оваа година финансиски е поддржан од Министерствто за култура.



Врати се горе ↑