Македонија

7 јуни, 2019

„Макфест“ ги обвини навивачите на „Вардар“ за сквернавење на евргринот

Безвременскиот хит на сестрите Маријана и Росана, нумерата „Признавам“ која беше изведена на фестивалот за забавни мелодии „Макфест“ во 1988 година, деновиве е повторно актуелен, но како обработка и навивачка химна на ракометниот шампион „Вардар“. Обработката е дело на екипа Асови и композиторот Александар Митевски, а е насловена „Вардаре, не те оставаме“.

 

Сепак, песната која за кратко време стана доста популарна кај навивачите на „Вардар“, не им се допаднала многу на одговорните од фестивалот „Макфест“. На фесјбук-страницата на фестивалот се објави реакција, во која се тврди дека со обработката се направила вулгаризација и уништување на безвременскиот хит.

„Не e првпат хитови од фестивалот на забавни мелодии ’Макфест’, со или без согласност да се користат во маркетиншки цели. Последново такво нешто е божемната химна на ’Вардар’. Всушност, тоа е песната со наслов ’Признавам’ на авторот Тоде Новачевски, а во 1988 година на сцената на ’Макфест’ ја отпеаја сестрите Маријана и Росана. Овој евергрин имаше повеќе преработки во зависност од мотивацијата на тие што сакале да го имаат овој безвременски хит, на своите аудио и видео записи. Сетоа тоа било во рамки на пристојноста. Но, ова е божемната химна на Вардар, е проста вулгаризација и уништување на овој безвременски, макфестовски хит. Песната од лирична-љубовна, е зорле направена да биде божем химнична. Сè отишло премногу во невкус, безгранично во уништување на песната“, наведено е во реакцијата пренесена преку Радио Штип.

За препевот „Вардаре, не те оставаме“ кој е актуелен деновиве, Росана Сариќ Тодоровска вели дека сè е регуларно и кој како сака и како љуби, така нека си ја пее песната.

„Уште вчера ја видов реакцијата на ’Макфест’. Можам да кажам дека сè е регуларно. Страствените навивачи на ’Вардар’ дојдоа и ме прашаа за дозвола, а знам дека го прашале и композиторот Тоде Новачевски, и од него добиле дозвола. ’Признавам’ е евергрин за сите времиња и за сите генерации, па се прашувам што има лошо ако сакале да ја направат химна на нашите најдобри ракометари. Таа и како химна на ’Вардар’ ќе биде препознатлива и одлична, и пак за сите генерации. Нас ни е чест што песната ’Признавам’ ја препеале нашите навивачи. И композиторот Александар Митевски направи сè што можеше во позитивен контекст и апсолутно помогна, знаејќи дека е добиена дозвола од мене, од Маријана и Тоде“, изјави Росана, пренесува Фокус.

Извор: Курир.мк



Врати се горе ↑