22 август, 2014

Македонско-пакистанска преработка на „Сношти сакав да ти дојдам“

Првиот заеднички проект кој ги спојува македонската и Хазарги културата, по неколкумесечна работа и подготовки, на 17 август, доживеа јавна презентација во срцето на Хазара заедницата во градот Куета, во пакистанската провинција Балочистан. Ана Симоновска и Шаабдула Алами ја изведоа „Сношти сакав да ти дојдам“, а свој удел како перкусионист имаше Мучи Хабиби. Видео записот за „Сношти сакав да ти дојдам – Man wa Thu (Јас и ти)“ можете да го погледнете горе.

Присутните на презентацијата на проектот, преку проекција на видео материјали, презентација на народни носии, меѓу кои и една македонска носија, кои домаќините самите ја изработија, воедно имаа можност да се запознаат со културното богатство и природните убавини на Македонија.

Нежната мелодија на „Сношти сакав да ти дојдам“ толку природно ги носи стиховите на Хазарги поезијата, кои, пак, се „топат“ во прекрасната атмосфера на една од најубавите македонски народни песни. Присутните на презентацијата, преку проекција на видео материјали, воедно имаа можност да се запознаат со културното богатство и природните убавини на Македонија. Музиката повторно ја покажа својата огромна моќ да ги надмине разликите и спои два навидум далечни светови.

Ана Симоновска е дипломиран музичар, теоретичар и педагог, свири пијано, македонски народни инструменти и гитара. На македонска музичка сцена дебитираше со настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година, кога ја отпеа „Дојди ми“, потоа на националниот избор за Евросонг во 2002-ра се претстави со „Како ми е мене“ и во 2009-та со „Добар крај“. Ана речиси две години живее во Исламабад, Пакистан, каде оствари успешна соработка со музичкиот продуцент Таимур Мирза, со интернационалниот бенд „Кhaas Collaboration“, а имаше и самостојни настапи.

За Хазара заедницата

Хазара заедницата главно живее во централен Авганистан, каде се третата најголема етничка група, околу 650 илјади живеат во соседен Пакистан и еден милион во Иран. Следбеници се на Шиа Исламот, а зборуваат Фарси (персиски), Дари (персиски дијалект што се зборува во Авганистан) и Хазарги (јазик кој претставува комбинација на Фарси, Дари и Монголски зборови). Потеклото на Хазарите не е целосно реконструирано. Нивните физички атрибути, структурата на коските на лицето и делови од нивната култура и јазик наликуваат на оние кај Монголите и Турците во Централна Азија. Генетски тестови делумно го поддржуваат популарното верување дека Хазарите имаат монголско потекло, односно дека се потомци на Џингис Кан.



Врати се горе ↑