Македонија

21 јули, 2016

Македонските состави „Ки“ и „Колт“ на „Демофест“ во Бања Лука

Од денеска до сабота, на тврдината Кастел во Бања Лука ќе се одржува годинешното издание на фестивалот за демо бендови, „Демофест“, во чии рамки ќе се наптреваруваат вкупно 33 состави од целиот регион. На овој фестивал речиси секоја година се присутни и македонски бендови, па годинава за вредните награди ќе се борат новиот кумановски состав „Ки“ и скопската група „Колт“.

12987132_611701659005665_1765884832451603433_nлого: NASK 041

Бендот „Ки“ е формиран на почетокот на минатата година, но иако е релативно нов, влече богато искуство од претходниот состав „Ептен“, по чие распаѓање членовите се собраа под ново име. Ги краси електро арт звук, за кој се заслужни Марко Петровски (бас гитара), Милош Краљевски (тапани), Александар Краљевски (вокал и гитара) и Даме Јовановски (клавијатура и синтисајзер), а за светскиот призвук на бендот „Ки“ придонесува и Марко Николовски (диџеј, електроника, семплови). Поигрувајќи се со музичките жанрови, „Ки“ носи несекојдневен звук со автентични текстови, а сето тоа ќе биде сместено на нивниот прв албум, кој планираат да го објават на почетокот на следната година.

„’Ки’ е трагач, бегалец од безличноста на светот кој го опкружува. На пат од кој нема назад, без кормилар на бродот, препуштен единствено на ветерот и неговата имагинација, тој полови кон својот остров, од другата страна на умот, каде разумот е ништо освен слуга на ирационалното. Неговиот брод е совршено опремен и насочен во правец кон непознатото, далеку од сè, а најмногу од привидниот ред кој владее во светот околу него. За разлика од совршенството на неговиот брод, тој е свесен за неговото несовршенство, но успева од истото да создаде свет доволен самиот на себе, во кој има место за секој што сака да биде дел од него.“

kolt

„Колт“ е рок бенд од Скопје, оформен во јануари 2014 година од страна на Томи Апостолов (гитара) и Никола Велевски – Ник (бас). Бендот е именуван по познатиот американски индустријалист Семјуел Колт. Во наредните пет месеци Томи и Ник работат на создавање на авторски материјал, паралелно барајќи вокал и тапанар. Во јуни 2014 стапуваат во контакт со Златко Петровски (вокал), кој веднаш започнува да склопува текстови за создадените песни. Истиот месец на бендот му се придружува и Дејан Которчевиќ – Котор (тапани).

Од јуни до септември 2014, „Колт“ осмислуваат коцепт за албум, кој го насловуваат „Equilibrium“ и на кој се сметени 11 песни, а во ноември 2015 го промовираат и второто издание „Solipse“. Нивниот прв настап беше во ноември 2014 година на „Лузер фест“, по што следеа и настапите 30. издание на „Рок фест“ во Младинскиот Културен центар,  „Земјотрес 3“ (2015), „Македонските алтернативни награди“ (2015), „Акустик сквер фестивал 4“ (2015) и „Инфинити фестивал“ (2016).

 

На годинешното, 9. по ред издание на „Демофест“, натпреварувачките бендови ќе ги оценува жирито составено од Васил Хаџиманов, Никола Коља Пејаковиќ, Младен Бадовинац, Дејан Ќиријаковиќ, Бане Антовиќ, Џорџе Мишиќ и Бранкица Јанковиќ, а во ревијалната програма ќе настапат групите „Даб пистолс“, „Хладно пиво“ и „С.К.А“ во првата полуфинална вечер; „Систерс оф мрси“, „Коља и гробовласници“ и „Резерве“ во втората полуфинална вечер и „Мандо диао“, „Бомбај штампа“, „ЗАА“ и „Норд“ во финалната вечер.

„Колт“ настапуваат во вечерашното, прво полуфинале, а „Ки“ утревечер, во второто полуфинале. Среќно!

И.Ј.

 



Врати се горе ↑