Видео

5 јануари, 2019

Македонските пејачи ја претставија божиќната „Небо и земја“

Со намера да се возобноват православните традиции за прославување на Христовото раѓање, дел од македонската естрада годиниве ја препеа темата „Вечниот Бог“, а сега репертоарот е дополнет и со „Небо и земја“, песна која особено се пеела во битолскиот крај. Во организација на „Бадникови поворки“, песната „Небо и земја“ воедно е и најава за големата божиќна манифестација што ќе се случи утре, 6 јануари, во 11 часот пред платото на Св. Димитриј во Скопје, а слични манифестации се организирани и во многу други градови и села низ Македонија.

„Небо и земја“ ја изведуваат Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Димитар Андоновски, „Некст тајм“, „Љубојна“ и дечињата од „Златно славејче“, а снимена е во студиото „Алшар“ кај Ивица Јанкуловски. Аранжманот го направи Владимир Димовски, а стиховите ги обезбеди битолчанката Даница Јолевска, која го даде драгоценото сведоштво за долгогодишната традиција на оваа песна во битолскиот крај.

Во создавањето на „Небо и земја“ учествуваа и Петар Христов (кларинет), Тимко Чичаковски (канон), Симона Богоевска (харфа), Владимир Цветковски (виолина), Владимир Димовски (виола), Кирил Јосифов (виолончело) и Митко Иванов (контрабас), додека за екранизацијата се погрижи екипата на продукцијата „Мелем“.

 

Само за потсетување, утрешната божиќна манифестација ќе започне во 11 часот, а се очекува присуство на околу 10.000 деца од целата земја. Покрај божиќниот концерт ќе има и божиќна претстава, а на сето тоа ќе му претходи и топол дочек на коледарчињата преку Камениот мост со бесплатни чајчиња и колачиња за секое дете.

За божиќниот концерт ќе бидат задолжени: Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Тамара Тодевска, „Некст тајм“, Димитар Андоновски, „Љубојна“ и „Златно славејче“, а за божиќната претстава „Најдобриот подарок за Божик“ – ненадминливите Снежана Коневски – Руси, Дејан Лилиќ и креативниот центар „Тинтири – минтири“.

Фотографија на Бадникови Поворки.

Манифестацијата пред Св. Димитриј завршува во 12 часот, по што присутните деца ќе бидат поканети да ја оформат најголемата бадникова поворка во Македонија, и со песна да се упатат кон Соборниот храм каде што пред специјално поставена голема божиќна пештера, ќе бидат дарувани и со божикни пакетчиња. Во исто време, Бадникови поворки на радоста, во кои децата на свечен начин ќе го најавуваат Христовото раѓање, ќе се одржуваат во уште 34 населени места низ земјата, и тоа: Битола, Охрид, Прилеп, Струга, Тетово, Крушево, Ресен, Кичево, Радовиш, Велес, Штип, Струмица, Гевгелија, Валандово, Кавадарци, Куманово, Гостивар, Пробиштип, Свети Николе, Кривогаштани, Демир Капија, Неготино, Богданци, Вратница, Виница, Кочани, Делчево, Дебар, Ростуше, Велгошти, Брвеница, Беловиште, Старо село и Рогачево.

„ПРАЗНУВАМЕ, СЕ РАДУВАМЕ!“ е мотото на овогодишната манифестација на која СЕ’ ЌЕ БИДЕ БЕСПЛАТНО ЗА СИТЕ, со надеж дека радоста и топлината на Бадник и Божиќ ќе ја почувствува секое детско срцe, порачаа од „Бадникови поворки“.

Фотографија на Бадникови Поворки.

 



Врати се горе ↑