27 декември, 2018

Македонскиот метал-бенд „Мај даркест тајм“ го објави петтиот албум „Dawn“

„Dawn“ е насловот на новиот, петти по ред студиски албум на македонскиот метал-бенд „Мај даркест тајм“ (My Darkest Time), кој беше дигитално објавен на 30 ноември, додека на цеде ќе биде достапен на почетокот на 2019 година, преку мексиканската издавачка куќа „Ламент рекордс“ (Lament Records).

Приказната за „Мај даркест тајм“ започна во 2005 година, кога Жарко Атанасов одлучи на овој начин, преку музиката да ја пренесе пораката за најтешкиот дел од неговиот живот, мрачна приказна со светол крај, од каде што и потекнува и името на самиот бенд (сторијата може да се прочита овде).

Фотографија на My Darkest Time.

Во 2005 година, како „one man band“, Жарко Атанасов, со микс од атмосферичен готик/дум-метал со доста филмска музика и женски вокали го издава првиот албум наречен „End of My Darkest Time“ (2007) со Марина Петрушевска (вокал) и гости од меѓународната метал-сцена, Ред Соња (вокал), од Охајо (САД), Карлос Оснаја од познатиот мексикански бенд „Ексосија“ (Exosia) на соло-гитарa и Аданами од Мексико – сопран. Имено, во тој период Ред Соња остварува соработка и со доста други бендови и артисти од Македонија, меѓу кои и со групата „Водолија“, диџеј Веле, „Новерим“, итн.

Фотографија на My Darkest Time.

Во 2009 следеше и вториот албум насловен „His Thoughts“, издаден од калифорниска метал-куќа „Сален рекордс“ (Sullen Records), а во 2012, за третиот албум „Transient“, дел од бендот станува и Крис Тилбери (Kris Tilbury) од американската држава Луизијана, како гостин-сопран. Во 2016 година, за четвртиот албум „The Last“, издаден од финската издавачка куќа „Инверс рекордс“ (Inverse Records), Жарко соработуваше со членот на познатата шведска дум-метал група „Вени домине“, соло-гитаристот Торбјорн Вајнехо (Torbjörn Weinesjö), како и со Симеон Стефковски, професор во средното музичко училиште во Скопје.

Фотографија на My Darkest Time.

Во најновиот албум „Dawn“ (2018), бендот се збогатува со два нови членови, Мартин Атанасов – вокал и Зоран Петровски на соло-гитара. Зоран Петровски во деведесетите години е вокал и гитарист на познатиот треш-метал бенд „Саваот“ од Скопје.

„Целта на овој албум беше главно да се вметне македонскиот мелос и фригиски скали, со што ќе се овозможи истите да се слушнат насекаде низ светот, а што веруваме дека му дава и уникатност. Текстовите се инспирирани од верата во Господ, индивидуалното духовно искуство, но и слика на светот во кој моментално живееме“, велат од бендот.

Фотографија на My Darkest Time.

Како што споменавме, албумот дигитално е достапен на „Бендкемп“, а на цеде ќе биде достапен на почетокот на 2019 година, преку издавачката куќа „Ламент рекордс“ од Мексико. За Истокот цедето е веќе достапно преку московската издавачка куќа „Кулминис ригоризм продакшн“ (Cvlminis-Rigorism Production).

 



Врати се горе ↑