Македонија photo 3

29 март, 2013

Македонската радио телевизија со проект за развој на македонската музика

Македонската радио телевизија започнува со проект за зачувување и заживување на македонската музика. Како почеток на оваа иницијатива на националниот сервис беше вчерашната средба на која извршниот директор се сретна со голем број на музичари, автори и менаџери од музичкиот сектор.

„Ми пречи фактот што ништо не се случува за заживување и зачувување на македонската музика. Затоа ќе направиме сè за да ја промениме моменталната ситуација на оваа тема. Токму поради тоа започнуваме со иницијатива за зачувување на нешто многу скапоцено, но бараме и идеално решение за заживување на македонската музика. Ова е причината поради која сакав да се видам со сите вас и да чујам од вас што е она што е идеално да се направи за да го промениме овој факт заедно“ – вака Г-дин Цветковски, Извршниот директор на Македонската радио телевизија го започна состанокот по повод темата.

Конструктивни предлози, идеални форми на музички шоуа, заживување на музичката продукцијата на МТВ, почесто емитување на македонска музика, повеќе фестивали, компилации и слично беа само дел од предлозите и желбите на присутните, за кои МТВ ветува дека ќе започне национален проект за нивно реализирање.

Викторија Лоба, Ѓоко Танески, Калиопи, Ена Цветкоска, Елена Ристеска, Бојан од Ај Кју, Лозано, Дарко Димитров, Александар Митевски, Лазар Цветкоски, тимот на Џајковски и останатите присутни утврдија дека оваа можност е идеален начин за воздигнување на нивната работа. Токму затоа забавниот сектор на македонска радио телевизија заедно со менаџментот на истата започнува интензивно да работи на склопување на комплетното решение на овој проект, за кој наскоро ќе се одржи официјална прес конференција со соопштување на сите информации и детали.



Врати се горе ↑