Настани Untitled-2

17 јуни, 2015

Македонија за првпат ќе го одбележи Светскиот ден на музиката

Македонската Музичка Индустрија (ММИ) и Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) како организации кои колективно управуваат со правата на музичките изведувачи и автори, за првпат ќе организираат културен настан кој веќе традиционално се организира во повеќе од 400 градови низ светот, а тоа е Светскиот ден на музиката. Овој празник низ светот се слави на 21 јуни со средби и со бесплатни настапи на аматерски и професионални музичари на отворени сцени, на градски улици како и на плоштади. Со разните музички приредби воедно се обележува и календарскиот почеток на летото. На овие концерти аматерската музичка сцена се сретнува со професионалната, но и разни музички стилови: песни наменети за најмладите, рок, џез, класична музика, етно, хип-хоп, диџеи и др., а посетителите танцуваат, пејат и се забавуваат.

„Со оглед на фактот дека за првпат организираме ваков тип на манифестации, планираме да го организираме настанот поскромно, а во текот на наредните години да го организираме на повеќе локации и во повеќе градови како што е традиција која е воспоставена во повеќе држави, на пример, Хрватска, Италија, Ирска, Франција и други“, велат организаторите.

Годинава локацијата на градската „Школка“ ќе биде место за организирање на ваква манифестација. Планирано е настанот да трае 12 часа и тоа од 12.00 на пладне до 00.00 на полноќ кој ќе биде колаж на повеќе музички стилови и правци. Прославата ќе започне со музика за најмладите, а после нив следат пријатни звуци на камерни оркестри. По нив ќе настапат оркестри со изворни музички инструменти и попладнето ќе го разубават познати пејачи и изведувачи од нашето фолклорно небо. Приквечерината ќе биде резервирана за младите музички состави, а во текот на вечерта ќе настапат афирмирани изведувачи. По нив, следат перформанси на реномирани диџеј-уметници.

Програмата за Светскиот ден на музиката Ве очекува во продолжение.



Врати се горе ↑