Македонија

21 ноември, 2017

Македонија сепак ќе учествува на „Евровизија 2018“

Македонија сепак ќе учествува на 63. издание на „Евровизија“, кое следната година ќе се одржи во португалската престолина Лисабон. Имено, иако името на нашата земја го немаше на неодамна објавениот официјален список со учесници, сепак, во последен момент успеавме да обезбедиме билет за претстојниот фестивал.

Веста беше соопштена на официјалната веб-страна на „Евровизија“, каде што се нагласува дека со додавањето на нашата земја се заокружи рекорден број од 43 учесници, што претходно се случило само во Белград во 2008 и во Дизелдорф во 2011 година.

Како што е познато, Македонија за првпат се приклучи во натпреварот во 1996, односно во 1998 година, а оттогаш учествувала вкупно 17 пати, од кои 8 со пласман за финале. Најдобриот резултат досега сè уште го има Елена Ристеска, која во 2006 година го освои 12. место во финалето. Од МРТ сè уште не се огласиле на оваа тема, па се надеваме дека наскоро ќе излезат со официјално соопштение околу начинот на избор за песна и за претставник.

И.Ј.



Врати се горе ↑