Македонија junior eurovision

3 октомври, 2013

Македонија се враќа на Детската Евровизија

По двегодишна пауза, Македонија ќе биде дел од учесниците на Детскиот Евросонг, кој годинава ќе се одржи на 30-ти ноември во Kиев, Украина, пренесува Дневник. Со овој потег Македонската Радио Телевизија, организатор на националниот детски евровизиски избор, се приклучува во промовирање на нашата земја преку музиката: „Сметаме дека овој настан, кој се емитува во многу европски земји, претставува шанса да се промовира Македонија. Манифестацијата му овозможува на секој учесник и на земјата од каде што доаѓа соодветен третман и голем простор за презентација и на музиката и на нејзините убавини“ – вели Раде Спасовски, шеф на македонската евровизиска делегација.

Нашиот претставник ќе се избира со аудиција, која ќе се одржи на 5-ти октомври во студиото М2 на МРТ, а право на учество имаат деца од 9 до 14 години: „Објавивме аудиција за Детски хор, кој ќе се формира во рамките на нашата телевизиска куќа. Прво ќе ги одредиме децата што ќе ги исполнуваат нашите критериуми и ќе бидат дел од хорот. Потоа ќе одбереме еден од нив, кој ќе биде наш евровизиски претставник“ – појаснува Љупчо Мирковски од МТВ.

Годинашниов евровизиски избор во Kиев ќе го водат Злата Огњевиќ, која ја претставуваше Украина на годинашната Евровизија, и Тимур Мирошниченком. Тој беше водител на овој избор и во 2009 година. Детскиот Евросонг првпат се одржа во ноември 2003 година, во Kопенхаген, Данска, а нашата земја беше дел од почетокот на манифестацијата. Иако правилата за учество се разликуваат од големата Евровизија, целта е иста – претставување на детските музички таленти. Во досегашните седум евровизиски претставувања, Македонија постигна завиден успех. Во 2007 година во конкуренција од 18 земји, нашите претставници Росица и Димитар, го освоија петтото место. Една година подоцна Боби Андонов го повтори истиот успех. Изминативе неколку години нашите претставници се пласираат на дното на табелата. Последен македонски претставник беше Ања Ветерова.

 



Врати се горе ↑