Македонија list_640px

13 декември, 2012

Македонија сè уште без претставник за Евросонг 2013

Сè уште не се знае кој ќе ја претставува Македонија на Евросонг, во Малме, Шведска, во мај  идната година. Од Македонската телевизија, која ја има лиценцата за организација на изборот, велат дека засега се знае дека нема да има фестивалски избор, туку дека ќе биде како лани – ќе се избере само пејач, пишува Вест.

„Има време за Евровизија. Сега сме зафатени со снимање на новогодишните емисии. За евровизиската песна се уште не сме разговарале. Нека поминат новогодишните празници, па ќе може слободно да се посветиме на тоа“ – изјавил Љупчо Мирковски, уметнички директор во МТВ. Кој би можел годинава да ја претставува Македонија, засега само се шпекулира. Се споменуваат имињата на Биба Додева, Ламбе Алабакоски, како најсигурен кандидат Влатко Лозановски, но се споменува и Калиопи, која минатата година ја претставуваше Македонија на изборот во Азербејџан и Каролина, која досега два пати пееше на Евровизија во Финска и во Естонија.

„Нека зборува кој што сака. Нека споменуваат секакви имиња. Сè е тоа шпекулација“ – рекол Мирковски за Вест. Најголемата европска музичка манифестација идната година ќе се одржи на 14, 16 и 18 мај во Малме, Шведска. Швеѓаните годинава со Лореан и нејзината „Еуфорија“ победија во Баку, Азербејџан. Ова е петти пат Евросонг да се организира во Шведска. Прв пат во Стокхолм во 1975, во 1985 во Гетеборг, во 1992 во Малме и во 2000 во повторно во Стокхолм.



Врати се горе ↑