8 мај, 2018

Македонија повторно без финале за „Евровизија“

Шеста година со ред Македонија останува без пласман за финале на популарниот фестивал „Евровизија“, кој вечерва го започна своето 63. издание. Нашите претставници „Ај кју“ имаа навистина одличен настап на сцената во арената „Алтис“ во Лисабон, но силната конкуренција не им овозможи уште еднаш да ја запеат својата „Lost And Found“.

Обложувалниците погодија седум од десетте финалисти што ќе се натпреваруваат на главната вечер, а тоа се: Австрија, Естонија, Кипар, Литванија, Израел, Чешка, Бугарија, Албанија, Финска и Ирска, додека натпреварот е завршен за Азербејџан, Исланд, Белгија, Белорусија, Македонија, Хрватска, Грција, Ерменија и Швајцарија. Најголемо изненадување, барем според тоа што можевме да го видиме на обложувалниците, е пласманот на Ирска, кој беше кон самиот крај на листата за вечерва, а не им беше предвидено финале ни на Албанија и Финска.

Фестивалот продолжува веќе в четврток, на 10 мај, кога уште 18 земји ќе се натпреваруваат во втората полуфинална вечер, а победникот на ова 63. издание ќе го дознаеме в недела, на 12 мај. Иако најголем фаворит речиси два месеца беше Израел, од денеска на првото место е Кипар, а на второто место е победникот од 2009 година, норвешкиот претставник Александар Рибак. Дали следното поглавје од евровизиската приказна ќе се случува во Никозија, Тел Авив или Осло, ќе дознаеме в сабота.



Врати се горе ↑