Галерија

5 декември, 2018

Македонија по 4. пат на Европското слем-првенство

Македонските слемерки Марија Грубор и Елена Пренџова учествуваа на Европското слем-првенство за 2018 година што се одржа во Будимпешта минатата недела. Ова е четврто по ред учество на Македонија на ова првенство. Годинешната натпреварувачка, Марија Грубор, која победи на националниот слем-натпревар во Прилеп во 2017 година, успешно помина на полуфиналната вечер и продолжи да се натпреварува во финалната вечершто значи настапуваше две вечери по ред.

Марија Грубор, Македонија

Грубор доби позитивни и жестоки реакции од публиката и големи пофалби од жирито. Таа се натпреваруваше со останатите 21 учесник од 21 земја во Европа (само Италија имаше испратено двајца претставници). Победникот за 2018 година е слемерот Петер Молнар од Унгарија.

 Петер Молнар, Унгарија

Елена Пренџова, како дел од организацијата на националниот слем во Македонија, учествуваше во еднонеделната работилница „Премостување на границите“ заедно со претставници/чки на организациите на националните слемови на: Словачка – Томаш Штрака, Србија – Горан Живковиќ, Украина – Павло Корубчук, Унгарија – Мартон Симон, Франција – Јопо и Чешка – Анатол Свахилец. Покрај слемерите/ките од Европа, на работилницата учествуваа и слемери/ки и изведувачи/ки на перформативна поезија од САД, членови/ки на поетскиот ансамбл „Спик-изи“ од Чикаго: Нејт Смит, Бејли Кесл, Џоел Чмара и Ели Бенсусан, како и нивниот предводник и менторот на работилницата, Марк Кели Смит.

Марк Смит, САД

Работилницата беше заокружена со финален поетски перформанс – сите европски изведувачи/ки ги изведуваа своите текстови на тема „Мостови“ на мајчин јазик, а американските и француските слемери/ки и перформери/ки тандемски ги изведуваа нивните текстови во превод на англиски јазик.

Боб Холман, САД

Покрај полуфиналната и финалната вечер, како и вечерта на перформансот од работилницата, во програмата беше предвиден и ревијален настап на перформативниот и мултимедијален поет од САД – Боб Холман и годинашната победничка на Светското слем-првенство за жени – Мвенде „ФриКвенси“ Катвива од Кенија/САД. Нивните настапи беа масовно посетени и публиката им приреди пријатно добредојде.

Мвенде Катива, Кенија/САД

Настанот е во организација на Унгарската асоцијација за слем-поезија. Земја домаќин на Европското слем-првенство за 2019 година ќе биде Италија, а за 2020 година – Словенија. Националиот слем-натпревар во нашата земја традиционално се одржува во Прилеп.



Врати се горе ↑