Македонија

15 мај, 2018

Македонија „ограбена“ на „Евровизија“ во 2008 и во 2009?

Минатата недела помина во знакот на 63. издание на „Евровизија“, а нашата земја веќе шеста година со ред не успеа да се пласира во финалето. Но, според она што го објавија нашите претставници од 2009 година, браќата Филиповски од дуото „Некст тајм“, се чини дека Македонија не една, туку две години со ред неправедно не влегувала во финалето, иако сме ги добиле потребните поени.

Имено, на страницата www.eurovisionworld.com може да се пребаруваат резултатите од речиси сите години наназад, па доколку податоците се точни, „Некст тајм“ заслужиле да влезат во финалето на натпреварот што тогаш се одржуваше во руската престолнина Москва.

 

„Кога сме деновиве кај ’Евровизија’ и сличните циркузи на лобирање, политички игри, географско релациони поени и сè освен музика не, веројатно не сте знаеле дека 2009 година кога ’Некст тајм’ беа претставници на Република Македонија, со само 22 години и една година искуство на сцената, професионално настапија со песната ’Нешто што ќе остане’.
Веројатно не сте ни знаеле дека можеби сме последен претставник оттогаш па до 2018 год. кои што според поени влегол во финале, но стручното жири на Евровизија одлучи да ги смени ’Некст тајм’ и да стави своја земја од Скандинавските простори – Финска.
Да, ние како млади дечки, деца, момци, бевме разочарани, но нашата разочараност беше уште поголема кога го дознавме сето ова. Како и да е, еве ви мал податок околу тој наш настап, нешто што веројатно не сте го знаеле бидејќи немало кој да ви каже (новинарите). Како и да е и после 9 години од тој настап и наше лично разочарување, ние сме тука сè уште со голем елан, мотивација за успех и докажување“, напишаа момците, споделувајќи фотографија од горенаведената веб-страница (линк од резултатите од 2009 овде).

Кога сме деновиве кај Евровизија и сличните циркуси на лобирање, политички игри, географско релациони поени и се освен…

Gepostet von Next Time am Sonntag, 13. Mai 2018

 

Токму затоа, ние одлучивме да ги провериме и останатите години во кои учествуваше Македонија, па освен на „Некст тајм“, неправедно им бил одземен пласманот во финалето и на Тамара Тодевска, Раде Врчаковски Врчак и Адријан Гаџа, кои во 2008 година нè претставуваа во Белград со темата „Let Me Love You“.

Исто како што во 2009 година биле прескокнати Македонија и Црна Гора, овој пат заедно со нас била прескокната и Бугарија, а како десетти финалисти влегле 12-пласираните Финска (2009) и Шведска (2008).

Истите податоци ги има и во табелите прикажани на Википедија, но со дополнително објаснување дека само девет од избраните полуфиналисти со телефонското гласање одат директно во финалето, додека десеттиот го одбира специјално жири. Интересно е тоа што ова правило важело само за тие две години.

Сепак, очигледно не станува збор за скандал, туку само за краткотрајно нефер правило и преференции на жирито за скандинавските земји, притоа заобиколувајќи ги земјите од Балканот, а ние едноставно сме биле „малери“ што сме се пласирале токму на 10. место во полуфиналните вечери…

И.Ј.



Врати се горе ↑