Македонија MIDEM_1

4 февруари, 2014

Македонија на МИДЕМ 2014

Од 1 – 4 февруари во Кан, Франција по 48-ми пат се одржа најстариот, најголемиот и најзначајниот саем на музика во светот – МИДЕМ. Оваа година саемот го посетија  6.500 гости од 3000 водечки музички компании од 75 држави од целиот свет. Според организаторот на МИДЕМ, овие бројки се позитивен знак за „заздравување и пораст на обемот на музичката индустрија на светско ниво“.

Нашата држава се појави како излагач со сопствен штанд под уставното име Македонија. Интересен е податокот дека за време на саемот македонскиот штанд го посетија неколку илјади гости и со себе понесоа примероци од луксузниот музички промотивен материјал специјално изготвен за оваа прилика, а домаќинот на македонскиот павиљон и носител на штандот Иво Јанкоски оствари и многубројни средби со водечките музички куќи од целиот свет, соопшти продукцијата „Трето уво“.

За нашата музика годинава посебен интерес покажаа далечните земји како Малезија, Тајван, Јапонија, Бразил и др. Македонската музика ја промовиравме со каталог во печатенa форма, како и ДВД и ЦД во електронска форма: каде се претставени моментално најзначајните “извозни музички брендови”, компании, фестивали и институции од македонската музичка сцена. Промотивниот ДВД и компакт диск содржат информации и контакти, како и музика од моментално најпопуларните музички ѕвезди од различни жанрови: поп, рок, етно, џез, рап, хип-хоп итн.

За времетраење на саемот  паралелно се одржаа 40-тина конференции и дебати посветени на развивање на системите за заштита на авторските права и новите стратегии во дигитална продажба и пласман на музиката на светско ниво на кои Македонија зема активно учество.

Своите искуства на ова поле ги презентираа многубројни експерти и директори на најголемите, рекорд компании и инернет продавници, а како специјални гости се појавија: сè попопуларната британска поп ѕвезда, Рита Ора и француската музичка легенда и актуелен претседател на здружението ЦИСАК, г-динот Жан Мишел Жар.



Врати се горе ↑