Македонија Alen Hasanovic

26 јануари, 2015

Македонецот Ален Хасановиќ ги урива рекордите во „Ѕвездите на Гранд“

Ален Хасановиќ, харизматичното момче кое со својата одлична интерпретација на хитот „Као моја мати“ од Здравко Чолиќ го воодушеви шесточленото жири на „Ѕвездите на Гранд“ и ги крена на нозе Саша Поповиќ и Лепа Брена, кои го наградија со аплауз, со еден милион прегледи се пласираше високо во ТОП 20 најгледани Јутјуб видеа на каналот на продукцијата „Гранд“.

Според официјалната статистика на Јутјуб, хитот „Као моја мати“ од Здравко Чолиќ во изведба на Ален Хасановиќ на телевизиското шоу „Ѕвездите на Гранд“ сезона 2014/2015 во моментов има гледаност од преку 1,097,000 прегледи, а со тоа е најгледаното видео од новата сезона, но и 20. по ред најгледано видео од постоењето на Јутјуб каналот во сопственост на продукцијата „Гранд“.

Хасановиќ со оваа изведба успеа да го воодушеви жирито, но и да го освои регионот. Шабан Шаулиќ тогаш, за еден српски медиум изјави: „Овој дечко има неверојатен глас и голема контрола врз него.“

Проектот за афирмација и заштита на македонската забавна музика „Сите наши песни“ во реализација на МРТВ беше вистинска отскокна штица за Ален, а победата со своја авторска песна на „Канео фест 2014“ во Охрид и честа пред 20.000 публика да го отвори големиот балкански фестивал „Стари град“ во Нови Пазар доволен мотив за силно да заплови во музичкиот свет.

Од овој викенд започна вториот круг од музичкиот натпревар „Ѕвездите на Гранд“ каде наизменично настапуваат по двајца кандидати и се избира подобриот со тоа што тој директно се пласира понатаму во шоуто, без да пее бараж. Додека очекуваме да видиме со кои песни 22-годишниот прилепчанец Ален Хасановиќ ќе настапи во вториот круг, да се потсетиме на неговата маестралната изведба на хитот „Као моја мати“ од Здравко Чолиќ.

 



Врати се горе ↑