Видео

6 февруари, 2018

Македонец од Австралија напишал песна за „Евровизија 2018“

Сè уште е во тек конкурсот за евровизиска песна, кој МРТ го распиша пред десетина дена и кој е отворен до 8 февруари, а своја композиција испратил и еден Австралијанец со македонско потекло, надевајќи се дека токму со неговото дело ќе ги браниме боите на нашата земја во Лисабон. Станува збор за Џејмс Цветковски, чија љубов за родната грутка се обновила минатата година, кога учествувал во програмата за млади лидери на претседателот Ѓорѓе Иванов.

Имајќи предвид дека „Евровизија“ е мошне популарна во Автралија, што придонесе земјата да приклучи во натпреварот во 2014 година, Џејмс сонувал да напише песна за фестивалот уште во неговите тинејџерски денови, а сега има вистинска шанса тој сон да му стане реалност. Имено, заедно со литванската евровизиска претставничка од 2014 година, Вилија Матачиунаите, Цветкоски ги напишал музиката и стиховите за темата насловена „Perfect (On Top)“, за која, доколку биде избрана на конкурсот, дополнително ќе биде предложен соодветен изведувач.

Џејмс во Македонија (фотографија: Фејсбук)

„Минатата година бев во Македонија за да учествувам во програмата на претседателот Иванов, стекнав многу пријателства и ја открив поврзаноста со земјата што беше закопана некаде во мене. Откако заминав од Македонија, патував преку Литванија со еден пријател и таму случајно запознавме една одлична пејачка по име Вилија Матачиунаите. Испадна дека таа е веќе добро позната уметница во својата земја, па штом се вратив во Мелбурн, таа и јас одлучивме да соработуваме за ’Евровизија 2018’“, откри Џејмс во разговор со „Македонија365“, додавајќи дека „’Евровизија’ има доста следбеници во Австалија. Претпоставувам бидејќи повеќето од нас овде имаат европски корени. Откако бев тинејџер, постојано сонував да напишам песна за ’Евровизија’ и да ја изведам на сцена. Штом дознав за можноста да ја претставувам Македонија, не можев да ја пропуштам таа шанса.“

Исто така, тој истакна дека фестивалот е одлична платформа за промовирање на материјал. „Минатата година натпреварот го следеле над 180 милиони гледачи ширум целиот свет, така што не добиваш таква шанса секој ден. Уметниците сигурно треба да имаат подготвен материјал за време на натпреварот, бидејќи тоа е времето кога сите ќе го пребаруваат твоето име на Гугл“, дополни музичарот.

Инаку, приказната за песната што ја пратил на конкурсот започнала со аудиоснимка на телефон, која Вилија ја снимила само во придружба на пијано. „Ми се допадна од првото слушање. Отпрвин звучеше како пијано-балада, но сега го има тоа моќно рок-чувство и е сосема различна од првичната верзија. Текстуално се осврнува на теми кои ни се познати на сите: идентитет, хедонизам, нарушени врски… На стиховите работевме двајцата, но сметам дека и јас и таа сакаме да црпиме инспирација од реални искуства. Музиката е моќен начин да се поврзеш со луѓето, а како слушател станува посилно кога можеш да се поврзеш со пораката.“

Џејмс се надева дека македонската публика добро ќе ја прифати неговата песна. „Македонија е во ситуација кога сите треба да застанеме за момент и да се обединиме под една порака. Музиката е посебна бидејќи надминува политика, религија и идеологија. Не е важно какви се твоите верувања, кога станува збор за ’Евровизија’, сите сакаме Македонија да помине добро. Оваа година треба да испратиме силна порака дека сме тука да застанеме на сопствените нозе, а има ли подобар начин за тоа од моќна рок-химна?“, заклучи Цветковски, кој се надева и дека ќе има можност да биде поактивен на македонската музичка сцена.

Како што спомнавме, конкурсот на МРТ е отворен уште два дена, а дали песната на Џејмс ќе биде онаа со која Македонија ќе се натпреварува во првата полуфинална вечер на 8 мај, ќе дознаеме наскоро. Како звучи неговата „Perfect (On Top)“ можете да слушнете во продолжение. Уживајте!

Извор и фотографии: Мacedonia365.com

 

 



Врати се горе ↑