Македонија

9 април, 2019

Македонците низ светот ја негуваат македонската песна

Браќата Влатко и Златко Миладиноски, заедно со нивниот братучед Дамјан Стојаноски, синот на Војо Стојаноски, од неодамна се на турнеја низ Австралија, која што беше најавена уште минатата година. Сиднеј, Камбера и Перт се само дел од градовите каде се одржуваат концерти, за кои не само организаторите, туку и публиката по социјалните мрежи коментира дека се едни од најпосетените изминативе неколку години од кој било друг македонски пејач или група што настапува надвор од нашата земја.

За овој факт говорат и фотографиите и видеата кои секојдневно се објавуваат, а дел ги добивме и во нашата редакција.

„Навистина радува фактот што за првично закажаните концерти се бараше карта повеќе, па затоа се закажуваат и дополнителни концерти. Срцата ни се полни кога гледаме како насекаде низ светот, па дури и во далечната Австралија, нашинците ја знаат и негуваат нашата народна песна, ги негуваат не само евергрините, туку и новокомпонираните песни“, вели Влатко.

„Ви благодариме и вам како медиум што оваа убава информација ќе ја пренесете во нашата земја, за да се види и слушне колку се почитува нашата работа“, додаде тој.

Ова не е единствена турнеја на Влатко периодов. За потсетување, изминативе месеци тој одржа концерти во Швајцарија, Грција, Канада и во Холандија, а го очекуваат уште гостувања периодов во многу земји каде живеат Македонци.



Врати се горе ↑