18 октомври, 2013

Мајли Сајрус ќе настапи на MTV EMA 2013

Како што се наближува 10-ти ноември, односно датумот кога ќе се одржат овогодишните доделувања на Европските Музички Награди на MTV, музичкиот канал полека ги објавува имињата на ѕвездите кои ќе ја збогатат оваа манифестација со своите спектакуларни настапи. На сцената во Ziggo Dome арената во Амстердам познато е дека ќе настапат Кејти Пери и групата Д Килерс, MC на вечерта ќе биде РедФу и дуото LMFAO, водителка во бекстејџот ќе биде Ариана Гранде, а договорено е и појавувањето на Рон Бургунди од филмот „Anchorman 2“, чија улога ја игра актерот Вил Ферел, а најновото име кое е додадено на списокот на изведувачи е и младата и сè поконтроверзна пејачка Мајли Сајрус.

За Сајрус ова ќе биде втор настап на EMA, по оној во Мадрид во 2010 година. На овогодинешното доделување Мајли е номинирана во четири категории, вклучувајќи ја онаа за Најдобар поп, Најдобар женски изведувач, Најдобар видео запис за „Wrecking Ball“ и Најдобра американска изведувачка. Нејзиниот нов албум „Bangerz“ кој го објави на почетокот на месецов, веќе го освои првото место на листите Билборд 200 и Дигитал Албум Чарт во САД, како и на ајТјунс листите во повеќе од 70 земји ширум светот.

Џастин Тимберлејк  и Меклмор и Рајан Луис водат на списокот на номинирани со по пет номинации, додека Лејди Гага, Џастин Бибер, Мајли Сајрус и Робин Тик се натпреваруваат за по четири награди. Тејлор Свифт, Бруно Марс, Грин Деј, Дафт Панк, 30 Секндс ту Марс, Рудиментал, Ајкона Поп и Уан Дајрекшн имаат по три номинации. Изведувачи со по две номинации за ЕМА се Ријана, Кејти Пери, Еминем, Џеј Зи, Бастил, Имеџин Дрегонс, Д Килерс, Парамор, Рита Ора, Дрејк, Афроџек, Авичи, Келвик Харис и Иги Азалиа. МТV дополнително ќе ги најави и останатите изведувачи и презентери на доделувањето на MTV EMA 2013, а гласањето за ЕМА категориите на mtvema.com трае до петок, 8-ми ноември 2013 година, сè до 23.59 часот.

За категоријата Најдобар изведувач од Балканот, односно Best Adria Act можете да гласате на адресата  mtvema.com сè до 24-ти октомври на полноќ, а за оваа награда годинава се номинирани белградските бендови С.А.Р.С. и Сви на под!, хрватскиот кантавтор и пејач Филип Диздар, пејачка Кајра Шулц од Словенија и раперот Френки од БиХ. Од петок, 25-ти октомври, добитникот на титулата Best Adria Act ќе продолжи да се натпреварува за наградата Најдобар европски изведувач, кадешто ќе се најде во конкуренција со победниците од останатите региони на Европа.

Доделувањата на MTV EMA 2013 ќе бидат пренесувани во живо на MTV во недела, 10-ти ноември со почеток од 21 часот.

Извор: mtv.rs



Врати се горе ↑