Видео mj-hlween

31 октомври, 2014

Мајкл Џексон е крал и на „Ноќта на вештерките“

Компанијата „Спотифај“ објави листа на најпопуларни песни за „Ноќта на вештерките“ во Велика Британија, а на врвот на оваа листа секако дека се најде хитот „Thriller“ на легендарниот крал на поп музиката, бидејќи, како што во самата песна вели Винсент Прајс, „никој обичен смртник не може да одолее на злото на трилерот“. Мајкл Џексон на оваа листа позади себе ги остави „Monster Mash“ на Боби „Борис“ Пикет и „Ghostbustersна Реј Паркер Јуниор, a неговиот вокал се слуша и во рефренот на деби синглот на Роквел, „Somebody’s Watching Me“, кој се најде на 7-мото место. „Спотифај“ анализирале преку 600 000 плејлисти за „Ноќта на вештерките“, а кои песни се најчесто слушани во најстрашната ноќ во годината можете да видите во продолжение.

 

  1. “Thriller” – Мајкл Џексон
  2. “Monster Mash” – Боби „Борис“ Пикет
  3. “Ghostbusters” – Реј Паркер Јуниор
  4. “This Is Halloween” – Ликовите од Дизни
  5. “Time Warp” – Ричард О’Браен
  6. “(Don’t Fear) The Reaper” – Блу ојстер култ
  7. “Somebody’s Watching Me” – Роквел (со Мајкл Џексон)
  8. “Bark at the Moon” – Ози Озборн
  9. “I Put a Spell on You” – Скримин Џеј Хокинс
  10. “A Nightmare On My Street” – диџеј Џези Џеф и „Фреш Принс“ (Вил Смит)

Покрај легендарниот „Трилер“, кој, како што Ви пренесовме неодамна, следната година ќе добие и 3Д верзија, Мајкл Џексон има уште неколку теми кои одлично би се вклопиле во секоја плејлиста за „Ноќта на вештерките“. Имено, сакајќи да направи нешто ново и поинакво од „Трилерот“, во 1996 година музичарот го објави 40-минутниот филм „Michael Jackson’s Ghosts“, во кој се вклучени изведбите на песните „Is It Scary“, „Ghosts“ и „2 Bad“. 

Филмот е по сценарио на познатиот хорор новелист Стивен Кинг, а во режија на филмскиот режисер и гуру за специјални ефекти, Стен Винстон. Џексон се појавува во 5 различни улоги, меѓу кои и танцувачки костур, а одлично изработените маски направија едвај да го препознаеме. Иако не ја достигна популарноста на „Тhriller“„Michael Jackson’s Ghosts“ во 2002 година влезе во „Гинисовата книга на рекорди“ како најдолгиот музички видео запис во историјата, а со одличните специјални ефекти, музика и кореографија можете да уживате во продолжение.

 И.Ј.



Врати се горе ↑