Концерт 76560_10151540747534157_25050200_n

4 април, 2014

Мајкл Бубле за прв пат на Балканот со концерти во Белград и Загреб

Познатиот канадски музичар Мајкл Бубле во ноември годинава за прв пат ќе настапи на Балканот. 38-годишниот пејач во моментов е на својата турнеја „To Be Loved“ во чии рамки го промовира материјалот од истоимениот албум објавен минатата година, а за претходната турнеја „Crazy In Love“ секаде се бараше карта повеќе. Концертите беа распродадени во 80 американски градови, а ги посетија повеќе од два милиони фанови ширум светот. На овие импресивни податоци им се придружуваат и десетте последователни концерти кои ги одржа минатото лето во лондонската О2 арена, со што стана третиот машки изведувач кој повеќе пати со ред ја наполни оваа арена, после Принс и Роџер Вотерс.

Неговиот прв албум се најде меѓу најпродаваните во Канада и Велика Британија, а светска слава доживеа во 2005 година со албумот „Time“. Изданието „Call Me Irresponsible“ од 2007 година се проби на врвот на канадските и британските албумски листи, како и на првата позиција на билбордовата, австралиската и неколку европски листи. Со албумот „Crazy In Love“ Бубле во 2009 година дебитираше на првото место на Билборд 200 листата во САД, и тоа после три дена од објавувањето, а царуваше на врвот 2 недели, додека мулти-платинестиот албум „Christmas“ беше втор најпродаван албум за 2011 година, веднаш по Адел, со што стана негов трет последователен број 1 албум на листите.

Неговиот актуелен албум „To Be Loved“ кој го објави во април минатата година доживеа огромен успех. Во продукција на Боб Рок, изданието се снимаше во Ванкувер и Лос Анџелес, а покрај четирите оригинални песни, содржи и бројни преработки на хитови од музичките херои на Бубле, како што се „To Love Somebody“ од Би Џиз, „Nevertheless (I’m In Love With You)“ од Дин Мартин, „Who’s Loving You“ од Џексон 5, насловната „To Be Loved“ од Џеки Вилсон, како и класичната „Have I Told You Lately“ од Елвис Пресли, а тука се и гостувањата на актерката Риз Витерспун во дуетот „Something Stupid“ од Френк и Ненси Синатра, како и заедничката тема која ја напиша и отпеа со канадскиот колега Брајан Адамс, песната „After All“.

Неговите единствени концерти на Балканот ќе ги одржи на 1 ноември во белградската арена и на 6 ноември во Загреб, Хрватска. Сè уште не се објавени цените на влезниците за Белград, а за концертот во арената во Загреб цените се движат од 38 до 225 евра.

 



Врати се горе ↑