Видео

15 март, 2019

Мајкл Бубле ја објави песната за своите деца што никогаш нема да ја отпее пак

„Forever Now“ е единствената песна на Мајкл Бубле која пејачот ја отпеал само еднаш, за снимањето, и не сака да ја пее никогаш повеќе. Станува збор за песна што ја напишал за неговите деца, што е и доста болна точка за канадскиот пејач, на чиј најстар син Ноа во 2016 му беше дијагностициран рак, но сега закрепнува од тешката терапија, па токму затоа Бубле одлучи да ѝ се врати на музиката.

„Ја имав само оваа демо-снимка што сум ја снимил во домашното студио и, да бидам искрен, никогаш не ја отпеав пак и мислам дека никогаш нема да ја запеам“, рече тој, додавајќи дека продуцентите му рекле дека е „најдобрата песна што ја имал напишано“.

 

„Таа е една од песните на мојот албум за која комплетно се повлеков и им ја предадов на продуцентите, така што тие ја довршија за да звучи како што звучи сега. Искрено, не сакав да ја слушам тогаш, а и сега кога го преслушувам албумот, ја прескокнувам и преминувам на следната. Едноставно, не сум подготвен да се соочам со тоа пак“, објасни 43-годишниот музичар, кој лани конечно си доби и ѕвезда на познатата Холивудска патека на славните, а семејството го прошири и со ќеркичката Вида.

„Forever Now“ е сместена на повратничкиот, 8. по ред студиски албум насловен „Љубов“ (<3), кој го објави во ноември минатата година, а чиј материјал во моментов го промовира во рамките на истоимената светска турнеја. Симпатичното видео прикажува детска соба додека се испишуваат емотивните стихови, а како изгледа и звучи сето тоа дознајте во продолжение. Уживајте!

 

 



Врати се горе ↑