Свет buble new single

23 февруари, 2013

Мајкл Бубле го најави новиот албум

Канадскиот пејач Мајкл Бубле неодамна најави дека наскоро ќе слушнеме нова музика од него, а деновиве и официјално ги објави насловите на првиот сингл и албумот, како и датите на објавување. Шестото студиско издание кое ќе го наследи успешниот „Christmas“ од 2011 година (и беше втор најпродаван албум по „21“ на Адел) ќе го носи насловот „To Be Loved“, а синглот кој ќе го најави е насловен „It’s a Beautiful Day“ и истиот ќе го чуеме за само неколку дена, односно на 25-ти февруари. Албумот ќе биде достапен ширум светот на 23-ти април.

„To Be Loved” е продуциран од Боб Рок, снимањето се одвиваше во Ванкувер и Лос Анџелес, а вклучува четири оригинални песни напишани од Бубле. „After All“, една од четирите оригинални песни е во соработка со Брајан Адамс. Покрај нив, на ова издание ќе се најдат и претходно снимени песни од музичките херои на Бубле меѓу кои „To Love Somebody“ од Би Џиз, „Nevertheless (I’m In Love With You)“ од Дин Мартин, големиот хит од седумдесеттите „Who’s Loving You“ од Џексон 5, „To Be Loved“ од Џеки Вилсон и добро познатата „Have I Told You Lately“ од Елвис Пресли. Најавениот дует со актерката Риси Витерспун ќе биде познатиот хит „Something Stupid“ оригинално изведен од Френк и Ненси Синатра.

„Мојот нов албум е за љубов, среќа, забава и убави нешта. Беше возбудливо да се соработува со мојот пријател и долгогодишен соработник Боб Рок („Call Me Irresponsible“, „Crazy Love“ и „Christmas“), кој го продуцираше целиот албум. Ние сме одличен тим. Многу ми се допаѓаат песните кои ги одбравме овој пат. Исто така беше одлично повторно да се работи со моите соработници-текстописци.“ – изјави Бубле.

Започнувајќи од 30-ти јуни, Бубле ќе одржи 10 концерти во лондонската О2 Арена.

Извор: michaelbuble.com

 



Врати се горе ↑