Настани

6 јуни, 2019

Махмут Орхан главна ѕвезда на „Д фестивал 2019“ во Дојран

Махмут Орхан, творецот на планетарните мегахитови со кои стана задолжително име на водечките светски фестивали, пристигнува за првпат кај нас! Освојувачот на светските топ-листи, ова лето ќе ја освои и главната бина на „Д фестивал 2019“ во саботната Фиеста на 13 јули!

Истанбулскиот продуцент и диџеј во моментот е еден од водечките ѕвезди на електронската музика. Неговиот мегахит „Feel“ доживеа планетарен успех и се искачи на врвот на светските топ-листи. Песната на Јутјуб има преку 350 милиони прегледи. Со недели „Feel“ беше најпродавана на онлајн-продавницата „битпорт“, како и меѓу најпродаваните песни на сервисот „ајтјунс“ во повеќе од 20 земји.

Неговата музика претставува комбинација од дип хаус, инди денс/ну диско и совршено ги претставува културните корени на Махмут. Кариерата на оваа турска суперѕвезда доживеа експанзија во последните години по објавување на песните на видео сервисите кои имаат над милијарда прегледи. Токму поради тоа Махмут Орхан го споредуваат со Робин Шулц и „Лост фрикуенсис“.

„Д фестивал“ годинава ќе се одржи од 12 до 14 јули, а сите детали за настанот можете да ги најдете на официјална веб-страна на фестивалот.



Врати се горе ↑