Интервју Магдалена Цветкоска - Ена

25 октомври, 2012

Eна: „Пишувам и пеам за љубов, среќа и тага“

„Херој“, албумот првенец е главниот, но не и единствен повод за интервју со еден од најубавите и најмоќни женски вокали во Македонија. Магдалена Цветкоска или накратко Ена е пејачка која на македонската јавност ѝ е позната уште од 2003 година кога учествуваше на шоуто за потрага по музчки таленти „М2“ и благодарение на многубројните гласови од гледачите успеа да стане дел од музичкото соѕвездие „Форплеј“. По неколкугодишна пауза, Магдалена се враќа на сцената со учество на уште едно музичко шоу „Фешта“, каде што се претстави со песната „Без круна кралица“, која за кратко време стана хит. По неа следуваа уште неколку одлични нумери како што се баладата „Ме боли“, „Учам од најдобриот“, како и дуетите со Врчак, ДНК и Дарко Илиевски – „Црвено сонце“, „Од утро до мрак“ и „Пепел“, кои сега се дел од нејзиниот прв албум.

  • Магдалена, 2012 е година што сигурно ќе ја паметиш долго време. На 10 октомври го промовираше твојот прв албум како соло изведувач. Кои се твоите впечатоци од промоцијата? 

Навистина беше многу важен ден за мене. Со мојот брат Лазар Цветкоски веќе долго време го подготвувавме овој албум и многу сме задоволни од финалниот производ . Со ова цеде завршив една етапа од мојата кариера. Многу сум среќна што конечно ѝ го подарив на мојата публика. Јавно им се заблагодарувам на сите што издвоија време да дојдат на промоцијата. Се надевам дека песните ќе допрат до нив и дека секој ќе си најде свој фаворит.

  • Промоцијата воедно беше и за твојот видео запис за песната „На врв и на дно“ која доби одлични критики од страна на гледачите. Но, ова не е твој прв видео запис. Како се снаоѓаш пред камерите?

Со оглед на тоа што овој ми е веќе осми по ред видео запис, вклучувајќи ги четирите со „Форплеј“, соработката со ДНК и дует песната со Дарко Илиевски, овој е мој втор видео запис на соло песна, после оној за „Учам од најдобриот“, веќе имам искуство во снимање на спотови. Новиот видео запис на песната „На врв и на дно“ го изработија Владимир Дади Ивановски и Нена Зафировска. Навистина ми беше задоволство да работам со тие млади, талентирани и креативни луѓе. Многу професионално си ја завршија работата, а во исто време уживавме во снимањето. Мило ми е што слушам дека има одлични критики од гледачите.

  •  Текстовите на твоите песни се потпишани од тебе. Дали се тоа твои лични искуства преточени во песна, односно што е тоа што најмногу те инспирира да пишуваш?

За пишување текстови ме инспирира секојдневниот живот, моите и искуствата на другите луѓе, љубовта е вечна тема за пишување. Едноставно пишувам за животот, љубовта, среќата, разочарувањата и тн. Музиката ми кажува каков текст треба да напишам на една песна.

  •  Соработуваш со твојот брат, продуцентот Лазар Цветкоски. Дали и колку влијае вашата блискост на создавањето на материјалот? Дали функционирате на иста „фрекфенција“?

Многу добро функционираме заедно. Со оглед на тоа дека сме брат и сестра, многу сме блиски и секогаш искрено ги кажуваме и прифаќаме и позитивните и негативните критики еден на друг. Убаво е кога најблискиот соработник е твој најблизок човек.  И двајцата сме многу задоволни од песните кои ги работиме.

  •  По М2, извесен период соработуваше со „Продукција Република“, но сега си ексклузивец на „Горила продукција“. Како дојде до таа соработка?

Долго време работевме со Лазар за Дарко Илиевски и Димитар Андоновски кои се дел од „Горила  продукција“, па така многу спонтано дојде и до наша соработка. Многу добро функционираме заедно и едноставно најдовме заеднички јазик. Многу сум задоволна од целиот тим.

  • Кој е твојот прв настап на сцена пред публика?

Како мала, на осум и девет годишна возраст пеев на детскиот фестивал „Јаболчиња“ во Тетово. Тие денови нема никогаш да ги заборавам. Сега пишувам текстови за детските песни на истиот фестивал.

  • Пред 2 години настапи на фестивалот „Сунчане скале“ со прекрасната балада „Ме боли“. Дали имаш желби или планови повторно да настапиш на некој македонски или балкански фестивал?

Одлично си поминав на „Сунчане скале“ и бев второ место на првата вечер. Засега немам планови да пеам на некој фестивал, но сепак за тоа одлучувам спонтано.

  •  За голем дел од музичарите предизвик е да се претстават пред европската, па и светската публика. Се гледаш ли себеси како претставник на нашата земја на Евровизија?

Моментално немам  желба да настапувам на Евровизија, сега работам на малку поинакви проекти. За во иднина можеби. Но, светската публика сакам да ме запознае и верувам дека постои и друг начин за тоа освен Евровизија.

  •  Соработуваш со повеќе колеги од македонската музичка сцена. Со кои други музички имиња би сакала да соработуваш, без разлика дали се од Македонија, Балканот или светски познати музичари?

Би сакала да работам со повеќе имиња, но сепак поважно ми е тоа квалитетно да се изработи, подеднакво се вложувам себеси во сите песни кои ги работам.

  •  Која е Магдалена приватно?

Приватно сум многу едноставна личност и баш како таква сакам публиката да ме запознае. Тие што ме познаваат треба да кажат каква сум.

  • Што слуша Магдалена? Кои се твоите омилени изведувачи?

Слушам квалитетна музика од повеќе жанрови. Растев со песните на Мараја Кери, Витни Хјустон, Стиви Вондер… Сега слушам и тоа што е актуелно, странски хитови како секој млад човек.

  •  Која македонска песна би ја издвоила за твоја омилена, која од балканските простори и која од светската сцена?

Не би можела да издвојам неколку песни. Имам многу омилени и не е важно дали се македонски или балкански или светски познати, важно ми е да се квалитетни и да допрат до срцето. Има многу квалитетна музика и на нашиве простори.

  •   Дали Магдалена е нечија „поубава половина“?

Па, вљубена сум.

  • Каде можат да те видат твоите фанови, дали имаш настапи во градовите низ Македонија?

Периодов планирам настапи во градовите низ Македонија и ги поканувам сите да дојдат за да се дружиме.

  • Магдалена, ти благодарам за времето што го одвои за нас. Ти посакувам успех понатаму, многу хитови, албуми и секако концерти. За крај, што би им препорачала на фановите и на читателите на РадиоМк?

Им порачувам да слушаат убава музика и да го следат РадиоМк.

 

Ивона Јанкова



Врати се горе ↑