18 ноември, 2015

Магдалена Богиќ од „Х фактор“ го сними првиот сингл

Се чини дека втората сезона на регионалниот „Х фактор“ беше мошне плодна, па после победникот Амел Ќуриќ, Никола Марјановиќ, Јелена Жнидариќ, Илија Михаиловиќ и нашите Боби Мојсоски и Давид Темелков, уште една учесничка се обидува да си обезбеди место на регионалната музичка сцена. Станува збор за младата Магдалена Богиќ, која деновиве го претстави својот прв сингл насловен „Није крај“, чиј автор е босанскиот пејач Алдин Куриќ, попознат како Ал Дино.

Баладата пристигна заедно со видео запис, кој се снимаше на повеќе локации, меѓу кои и родниот град на Богиќ, Јајце, а го режираше Томислав Чавка алијас Мицко.

„Го остварив она што навистина го сакав со цело срце! Уживав во секој момент од снимањето на мојот прв сингл, сепак тоа сум јас, тука се гледам, тоа го сонувам. Би сакала да им се заблагодарам на сите што беа дел од овој проект. На својата екипа која ме снимаше, дотеруваше и чуваше во текот на снимањето. Се надевам дека мојата прва песна ќе ги исполни очекувањата на публиката“, изјави Магдалена по повод премиерата на новата песна, а како звучи и изгледа „Није крај“ можете да погледнете горе. Уживајте!



Врати се горе ↑