Видео

13 март, 2018

Магдалена Алексовска ќе запее во „Карнеги хол“

16-годишната Магдалена Алексовска, која македонската публика најдобро ја знае како евровизиска претставничка на детскиот Евросонг во 2015, ќе има можност да запее мјузикл во престижната концертна сала во Њујорк, „Карнеги хол“. Во неодамнешен разговор со „Кукурику.мк“, младата пејачка објасни како го постигнала сето тоа.

„Оваа шанса почна да се остварува кога го пронајдовме натпреварот ’Пееме поп’ (We Sing Pop). А на овој натпревар годишно има околу 15.000 учесници, од сите возрасти и од целиот свет. За аплицирање учесниците снимаат 3 аудиции (снимки), истите се испраќаат. Песните кои што ги изведуваат учесниците се класифицираат според жанр. Јас ја одбрав категоријата мјузикл и моите аудиции беа со песнитте ’Don’t Rain On My Parade’ од мјузиклот ’Смешна девојка’ (Funny girl), ’There Are Worse Things’ од ’Брилијантин’ и ’Part Of Your World’ од ’Малата сирена’.

 

Откако ги испратив снимките, по истекувањето на рокот за аплицирање, ми пристигна известување дека сум Прво место во категорија мјузикл и дека ќе бидам на големиот гала-концерт во престижниот ’Карнеги хол’. Еден месец по првото известување, стигна и второто известување, дека имам освоено 3. место на целиот натпревар и дека наградата ќе ми биде доделена на гала-концертот“, откри Алексовска.

За евровизиското искуство во Софија, соседна Бугарија, каде што заедно со Ивана Петковска ја отпеа песната „Плетенка“, вели дека никогаш нема да го заборави. „Сцената беше прекрасна и незаборавна, а друштвото уште повеќе. Сè уште има некои деца со кои контактирам и има фанови кои сè уште ми пишуваат“, додаде таа.

Ние ѝ посакуваме многу среќа и уште повеќе успех во Њујорк, а целиот разговор прочитајте го овде.

Извор и фотографија: Кукурику.мк



Врати се горе ↑