Концерт ImageProxy (1)

4 јули, 2014

Маестралниот светски пијанист Максим Мрвица на Охридско лето

Во рамките на годинешното издание на Охридско Лето, македонската публика за прв пат ќе има задоволство и можност да биде дел од концертот на светски познатиот и исклучително атрактивен кросовер и класичен музички уметник, хрватскиот маестрален пијанист МАКСИМ МРВИЦА. Концертот на, како што го нарекуваат, „пијанистичкото чудо од Шибеник“ кој молскавично ја освои меѓународната сцена, ќе се одржи на 26 јули во Античкиот театар во Охрид.

Максим Мрвица е музички талент кој на 11-годишна возраст го одржал својот прв концерт како солист со оркестар, а речиси 30 години подоцна Максим Мрвица се смета за еден од најпознатите светски пијанисти и најпродаваниот кросовер пијанист во светот, кој зад себе има 10 студиски изданија, распродадени во повеќе од 2 милиони примероци во повеќе од 57 држави во светот, достигнувајќи златна и платинеста продажба. Неговите песни остварија и над 60 милиони посети на „јутјуб“ каналот.

 

Потврда за неговиот извонреден талент се и крунисувањата со бројни меѓународни признанија. На возраст од 15 години веќе успеа да ја освоипрвата награда на државното натпреварување во Загреб, а потоа следуваше и освојувањето на првата награда на меѓународниот пијанистичкиот натпревар „Рубинштајн“ во Париз и првата награда на натпреварувањето „Понтуаз“ во Франција.

За својот прв албум „Гесте“ од 1999 година пак, доби дури четири награди „Порин“ во Хрватска. Овој албум беше забележан и одлично оценет од меѓународната критика и го отвори патот на Максим Мрвица кон светската музичка сцена. Неговиот прв успех со кросовер албумот беше крунисан и со „Ем-ти-ви“ музичката награда за најдобар дебитант на годината. Благодарение на одличниот прв албум, следното негово издание, албумот The Piano Player“, во 2003 година беше објавено за славната издавачка куќа „EMI Classics, чии изведувачи се ѕвездите како Ванеса Меј, композиторот Жан-Мишел Жар, како и гудачкиот квартет „Бонд“ кој имавме чест да го видиме во Охрид со одличниот концерт кој го одбележа претходното издание на Охридско Лето. Максим Мрвица е единствениот хрватски уметник со кој оваа угледна дискографска куќа потпиша договор за објавување на дури пет албуми. Промоцијата на првиот албум под оваа етикета Максим ја имаше во концертната сала „The Roundhouse“ во Лондон, каде што својата кариера ја започнаа и славните „Ролинг Стоунс“, Џими Хендрикс и „Пинк Флојд“, а Максим Мрвица се запиша како првиот хрватски уметник кој настапил во „округлата куќа“.

Во 2006 година Максим одржа турнеја во 20 градови во Јапонија што сè уште се смета за една од најголемите турнеи на еден интернационален уметник во Јапонија. По огромниот успех на турнејата, маестро Јури Симонов, диригентот на Московскиот филхармониски оркестар, го покани како солист да одржи повеќе концерти низ цела Јапонија. Во 2010 година Максим беше поканет од друштвото  „Chopin Society“ од Варшава да настапи на концертот во чест на 200 годишнината од роденденот на Фредерик Шопен. За време на Олимписките игри во Грција, синглот „Olympic dream“ на Максим беше сингл на официјалниот олимписки албум „Harmony.

 

Кон врвот на пијанистичката кариера, значаен и образовниот пат на Максим Мрвица кој од студиите на музичката академија во Загреб, своето музичко образование го стекнува понатаму и на Ferenc Lizst“ конзерваториумот во Будимпешта, во Ecole National des Musique и Alexander Skrjabin“ конзерваториумот во Париз.

Покрај неизмерливиот талент тој е познат и по својата исклучителна харизма.Неговиот посебен моден стил го доведе и до соработка со неколку водечки модни куќи како што се „Долче и Габана“ во Токио и „Кристијан Диор“ во Париз. Во 2004 година Максим беше прогласен и за најдобро облечен маж во светот од страна на списанието „Vogue Homme“ во Тајван. Во 2010 година тој беше поканет од модната куќа „Армани“ да настапи на повеќе гала настани за  ВИП клиентите на Армани.

ВЛЕЗНИЦИТЕ СЕ ВЕЌЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОДАЖБА

Влезниците за овој концерт се веќе достапни во продажната мрежа на МКтикетс, по цена од 600, 800 и 1 000 денари, во зависност од распоредот на седење.

Продажни места:

  • Продажните салони на ONE во: Скопје (Рамстор, ТЦ Бисер, ГТЦ, ВЕРО Центар, Скопје Сити Мол) Куманово, Тетово, Гостивар, Битола 01, Охрид, Струга, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Штип, Велес, Кочани, Струмица, Гевгелија.
  • Во Скопје: Југотон ГТЦ 1 кат, МПМ ПРЕСС, Гоги Драчево, Универзална Сала.
  • Низ Македонија: Билетарата на Охридско Лето – Охрид, Тобако – Охрид, Алпине Спорт – Тетово.
  • Онлајн на www.mktickets.mk .


Врати се горе ↑