Свет mdn

24 март, 2016

Мадона собори уште еден рекорд

Мадона неодамна ја заврши својата голема светска турнеја „Rebel Heart“, на која, како што е штотуку соопштено, продала повеќе од милион влезници што и донесе вкупна заработувачка од 170 милиони долари, пишува „Билборд“. Поточно, 169, 8 милиони долари, а ако веќе сакаме да сме сосема прецизни, и 1.045.473 продадени влезници.

Големата турнеја започна на 9 септември минатата година во Монтреал, а Мадона одржа вкупно 82 концерта. Кога сите овие податоци ќе се соберат со податоците за заработувачката од претходните турнеи, може да се заклучи дека Мадона на турнеите од 1990 година (од кога „Билборд бокс скор“ следи податоци) заработила 1,31 милијарда долари.

Со овие податоци, кралицата на поп музиката постави нов рекорд во заработувачките од светските турнеи на соло уметниците. Според вкупните податоци, пред неа на листата се само „Ролинг стоунс“ со 1,84 милијарди и „Ју-ту“ со 1,67 милијарди долари. Единствениот соло уметник кој се заканува да ја престигне е Брус Спрингстин, чија заработувачка од турнеите изнесува 1,25 милијарди долари.

 

 



Врати се горе ↑