Видео

4 јули, 2019

Мадона објави мини-документарец за новиот албум

Новиот албум на Мадона, „Madame X“, се покажа како вистински погодок кај слушателите од речиси сите генерации, за што секако придонесоа соработките со помладите колеги Малума, Куејво, Свеј Ли и други. Но, она што често останува непознато за публиката е процесот на подготовка на материјалот, од добивањето инспирација, преку соработките и финализирањето во студио. Токму тоа е прикажано во кусиот документарец насловен „The World Of Madame X“, во кој 60-годишната музичка икона раскажува за искуствата што довеле до крајниот резултат.

Имено, во 23-минутниот филм се открива дека „Madame X“ започнал како паралелен или страничен проект додека поп-кралицата била посветена мајка, но тоа се променило кога го запознала португалскиот пејач Дино џи Сантијаго. Тој ја поканил на музичка сесија во дневната соба, каде што пејачи и музичари се собирале да пијат вино и да создаваат убава музика.

Најголем впечаток ми остави тоа што сè беше природно, автентично чувство на луѓе што се таму бидејќи едноставно ја сакаат музиката. Парите немаа никаква врска со тоа. Славата немаше никаква врска со тоа. Следбениците на Инстаграм немаа никаква врска со тоа. Всушност, сè беше заради страста, музиката и уметноста“, раскажува таа и додава дека потоа го поканила продуцентот Мирвејс (Mirwais) да го модернизира тоа што го слушала.

„Му реков, знам дека е лудо, но кажи ми дали те инспирира. Ајде да ги исецкаме гитарските звуци, да ги синхронизираме со тапани што звучат модерно“, објаснува таа. „За само една недела, тој ми прати музика. Беше неверојатно и се почувствував многу инспирирано“.



Врати се горе ↑