Свет

11 август, 2018

Мадона не е импресионирана од поп-музиката: „Сите звучат исто“

По повод својот 60. роденден, кој ќе го прослави на 16 август, Мадона се најде на насловната страница на италијанскиот „Вог“, но разговорот со реномираното модно списание стана вирален заради фактот што поп-кралицата го сподели своето не толку позитивно мислење за актуелната состојба на поп-музиката.

Имено, кога зборувала за својот живот како посветена мајка во Португалија и за богатотот музичко наследство на оваа европска нација, 59-годишната ѕвезда изјавила: „Тоа е и еден добар против-отров за она што се случува во музичката индустрија сега, каде што сè е толку формулаично и секоја песна има по 20 гости и сите звучат исто. Нешто треба да се промени.“

 

Додека некои коментираа дека не ѝ доликува да дава вакви мислења, особено ако се земат предвид албумите „Rebel Heart“ и „MDNA“, на кои работеше армија соработници и беа во трендовски поп-стил, пејачката се дистанцираше од овие проекти и тој процес.

„Се сеќаваш кога снимав со други уметници од почеток до крај и ми беше дозволено да бидам визионер и да не морам да работам со авторски тимови во кои никој не може да ти посвети повеќе од 15 минути?“, прокоментирала таа на објава од нејзиниот менаџер Гај Озири. Се чини дека со новиот материјал има поинаков пристап, а што подготвува за нејзиното 14. студиско издание, се надеваме дека ќе дознаеме наскоро.

Во меѓувреме, прославата на нејзиниот 60. роденден поминува во знакот на тековната кампања за собирање средства за дечињата и сирачињата од Малави, во чии рамки сите нејзини обожаватели ширум светот можат да донираат на нејзината официјална фан-страница на Фејсбук.

Фотографија: Vogue



Врати се горе ↑