Свет

16 април, 2019

Мадона ги откри деталите за новиот албум, првиот сингл е дуетот со Малума

Мадона конечно ги откри деталите за новиот албум што ќе го наследи „Rebel Heart“ од 2015 година, а судејќи по насловот, претстојното 14. по ред студиско издание „Madame X“ ќе биде мошне интересно поглавје во кариерата на 60-годишната ѕвезда.

Имено, таа минатата недела објави кусо видео со насловот „Добредојдовте во светот на Мадам Екс“, во кое игра улога на таен агент познат како Мадам Екс. Прво ја гледаме облечена во различни стилови, како повеќе личности, а потоа седната на маса како им кажува на присутните: „Одлучив мојот албум да го наречам ’Мадам Екс’“.

„Мадам Екс е таен агент. Патува ширум светот. Менува идентитети. Се бори за слобода. Носи светлина на мрачни места. Таа е ча-ча инструкторка. Професорка. Шефица на држава. Јавачка на коњ. Домаќинка. Заробеничка. Студентка. Учителка. Чесна сестра. Кабаре-пејачка. Светица. Проститутка.“ 

 

Иако не откри кога точно ќе пристигне новиот албум, веќе утре, на 17 април ќе го имаме и првиот сингл насловен „Medellín“, кој го сними во дует со колумбиската регетон-ѕвезда Малума. Веста за оваа соработка ја имаше споделено уште во февруари, кога сподели заедничка фотографија од студио и напиша дека „подготвуваат нешто огнено“.

Шармантниот Колумбиец дефинитивно ќе ја доближи нејзината музика и до помладите генерации на слушатели, што се покажа како проблем со претходното издание, а како ќе звучат двете музички ѕвезди заедно ќе дознаеме утре.

Како што веќе Ви пренесовме, Мадона би требало да настапи и во големото финале на „Евровизија 2019“, кое ќе се одржи на 18 мај во Тел Авив во Израел, каде што ќе отпее две песни, вклучувајќи една од новиот албум. Иако нејзиниот менаџмент го потврди настапот, од организаторите на фестивалот сè уште нема официјална најава за нејзиното учество, ниту откако беа откриени изведувачите за ревијалниот дел за трите фестивалски вечери. Се надеваме дека конечната одлука ќе ја дознаеме наскоро.



Врати се горе ↑