За Вас 885fec90-fcb1-46dc-99a2-2251e5091ea8

8 октомври, 2015

„Лузер фест“ повик: Земи албум, спот и настап во Европа!

Конкурсот за пријавување продолжува до 15 октомври!

Октомври е особено плоден дел од музичката есен за тимот на „Таксират“ ангажиран во подготовките за новото издание на „Лузер фест“, кој нѐ очекува на 28 ноември во МКЦ во Скопје. Додека сме фокусирани на собирање и преслушување на пријавените музичари за „Лузер фест“, од кризниот штаб доаѓаат неколку добри вести за сите учесници на возобновениот фронт на младите музички сили, велат организаторите.

Пред сѐ ве известуваме дека по барањата кои ни ги испратија дел од бендовите на кои им е потребно дополнително време за да ги подготват материјалите за пријавување, конкурсот за „Лузер фест“ е продолжен до 15 октомври. Ве советуваме сепак да побрзате и да ги искористите дополнителните 5 дена од конкурсот, кој поради големиот број на веќе пристигнати пријави ќе биде дефинитивно затворен заклучно со четврток (15 октомври). Од сите пријавени до тогаш, во финалето за „Лузер фест“ влегуваат само 8 изведувачи.

Покрај тоа, го имаме и задоволството да ја најавиме дополнителната награда во пакетот кој го подготвуваме за победникот на годинашниот „Лузер фест“, благодарение на поддршката и соработката со онлајн телевизијата „За млади и млади во душа“, Бла Бла ТВ. Имено, првопласираниот бенд или солист на „Лузер фест 2015“, покрај можностите за настапи на европските фестивали, снимање и објавување на албум, годинава добива и бесплатна изработка и снимање на видео спот за кој целосно ќе биде задолжен тимот на Бла Бла ТВ.

Трите првопласирани учесници на „ЛУЗЕР ФЕСТ 2015“ влегуваат во селекција за настап на најголемите европски фестивали кои самостојно ќе го изберат изведувачот од „Лузер фест“, кој ќе се придружи на нивната фестивалска програма во 2016 година. Место на една од своите сцени за бендовите од „Лузер фест“ веќе резервираа реномираните „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка), „СИГЕТ“ (Унгарија) и „ШПАНЦИР“ (Хрватска).

Сумирано наградите за оваа година се:
* Победникот на „Лузер фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф, објавување на албумот под капата на „Пасворд продакшн“ и снимање на видео спот за чија реализација ќе биде задолжен тимот на Бла Бла ТВ.
Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка), „СИГЕТ“ (Унгарија) и „ШПАНЦИР“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани финалисти кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на своите фестивали. Постои можност да се додадат уште потенцијални настапи за најдобрите на „Лузер фест“, во Чешка и Полска.

„Лузер фест“ годинава ќе се одржи на 28 ноември во МКЦ, каде што покрај претставувањето на финалистите и изборот на новиот победник, ЗКУ „Таксират“ и „Пасворд продакшн“ подготвуваат низа дополнителни активности, како дел од офф-програмата на седумнаесеттото издание на фестивалот „Таксират. Сите настани кои ќе го надополнат ова издание на „Лузер фест“, покрај тоа што ќе бидат атрактивни за самата публика, се пред сѐ осмислени како поголем предизвик за музичарите, оние кои се дел од „Лузер фест“, но и сите други активни борци на музичкиот фронт. Кризниот штаб со голема насмевка наскоро ќе ја објави богатата програма од викендот пред главната фестивалска вечер на „Таксират“, која ќе ја направи Таксиратската недела доволно добра да може да се поднесе остатокот од времето до изборната година.

Во меѓувреме ги очекуваме новите пријави за учество на „Лузер фест“, а пријавувањето оди едноставно, како и минатата година: ги повикуваме сите македонски млади и неоткриени бендови ДО 15 ОКТОМВРИ 2015 да испратат 3 свои песни.

За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:
* три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
* контакти
* фотографија и
* кратка биографија на бендот и членовите.

Пријавите, НАЈДОЦНА ДО 15 ОКТОМВРИ 2015, треба да бидат испратени на и-мејл адресите info@password.mk и lina@password.mk. Следете ги објавите на официјалната Фејсбук страна на Пасворд и Таксират, каде соодветно ќе бидат објавувани детали од правилата и наградите за победниците на „Лузер фест 2015“. Победникот ќе биде избран од жири, како и од гласовите на публиката. Жирито ќе биде во мешан етничко – национален карактер и ќе бидат вклучени селектори од горенаведените фестивали.

ВАЖНО:
* „Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите 8 групи кои ќе настапат за време на „Лузер фест“;
* Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
* Не примаме песни со семејни и традиционални вредности
* Не даваме финансиски субвенции ни квартално ни декадно
* „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи
* Сите бендови кои ќе се пријават ќе бидат објавени, а селекцијата ќе се одреди по истекување на рокот за пријавување

ВАС ВЕ ЧЕКАМЕ СО СНИМКИ! РАЗБУДЕТЕ СЕ!



Врати се горе ↑