Настани 885fec90-fcb1-46dc-99a2-2251e5091ea8

3 ноември, 2015

„Лузер фест“ ги одбра своите финалисти

Победникот ќе го одбереме сите заедно на 28 ноември во МКЦ

Едно од најголемите задоволства на фестивалот „Таксират“ годинава дефинитивно дојде со огромниот број на пријавени бендови за годинашното издание на „Лузер Фест“! Многу повеќе од она што очекувавме! Во тоа име, изразуваме огромна благодарност до сите бендови и музичари кои ги испратија своите апликации за потенцијален настап на „Лузер фест“ и повторно покажаа дека има голем потенцијал и надеж во младата музичка сцена кај нас. Финалистите кои ќе настапат на „Лузер фест“ се веќе одбрани, а на 28 ноември во МКЦ заедно со публиката и жирито, ќе го одбереме победникот кој ќе си снима албум, а трите најдобро рангирани бендови ќе бидат предложени на дел од најголемите европски фестивали во 2016!

Десетте финалисти на „Лузер фест“ се: „АСТЕРОИД“, „БРУКА БЕНД“, „ВИЗИЈА“, „ГАРГОЈЛС“, „ЕКС ЈУ“, „КЕПУРДАТ“, „МЕТАНОЈА“, „ПЛУТОС ДАУТС“, „ПРЕСЕН ЗРАК“, „ПУЛС ЕКИПА“.

Со овие имиња првиот круг на „Лузер фест“ се затвори, a за финалето ве повикуваме да ги поддржите младите демо бендови на лице место и заедно да ја освежиме сцената со нови сили!

Сумирано наградите за оваа година се:

* Победникот на „Лузер фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф, објавување на албумот под капата на „Пасворд продакшн“ и снимање на видео спот за чија реализација ќе биде задолжен тимот на Бла Бла ТВ.

* Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка), „СИГЕТ“ (Унгарија) и „ШПАНЦИР“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани финалисти кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на своите фестивали. Во оваа листа ќе бидат додадни уште потенцијални настапи за најдобрите на Лузер Фест, во Чешка и Полска.

Влезниците за „Лузер фест“ 2015 ќе се продаваат на денот на одржувањето, на билетарата на МКЦ, по симболична цена од 100 денари. Наскоро ќе бидат објавени и дополнителни информации за овогодинешното издание на фестивалот, меѓу кои и изведувачите кои ќе настапат како гости на „Лузер фест“.

„Лузер фест“ годинава, покрај тоа што ја задржува традицијата како предвесник на главната фестивалска вечер на „Таксират“, воедно ќе биде и затворање на новото издание на „ПИН“ музичката конференција која ќе се одржи во „МКЦ“ во  Скопје, на 27 и 28 ноември. Во тој контекст, целиот концепт на конференцијата е осмислен како посебен предизвик и придобивка пред сѐ за музичарите, кои ќе имаат прилика да поминат два дена заедно со дел од најголемите имиња од европската музичка индустрија и директно да бидат вклучени во дискусиите и актуелните теми за музичката уметност и индустрија денес.

Финалистите во целост ќе ги запознаеме и ќе ги чуеме во живо на „Лузер Фест“, а како најава на она што нѐ очекува, само накратко ви ги претставуваме потенцијалните нови победници…

АСТЕРОИД
„Астероид“ е млад бенд од Скопје формиран кон крајот на 2013. година, кој во моментов е насочен кон изработка на својот прв албум. Групата својот звук го дефинира како алтернативен и е фузија од психоделичен рок, фанк, пост-рок и експериментална музика.
Овој бенд е комбинација на искусни и докажани, со млади, надежни и просперитетни музичари, кои за краткото време на постоење имаат неколку настапи од кои би ги издвоиле Боб Марли Роденден 2015, „Коноп фест“ – Скопје 2015, „Пиволенд“ 2014 и 2015, „Јелен демо фест“ 2015 (Бања Лука), „Д фестивал“ – Дојран 2015, „Рајз енд шајн реге фест“ – Штип 2015, „АЛО фест“ – Охрид 2015 и други.
ВИЗИЈА
„Визија“ е алтернативен рок бенд од Скопје основан во ноември, 2011. Меѓу најзначајните настапи на бендот може да се издвојат: „Таксират пин конференција“, „Заечарска Гитаријада“ (Србија), „Јелен Демофест“ (БиХ), „Миксер“ (Србија), „Lake Fest“ (Црна Гора), „Т’к – Так фест“ – Кавадарци, „Пиволенд“, „Рок фест“, „Rock the borders“ (Бугарија). Групата доби и одлични критики од американското радио „WMBR“ и британскиот музички сајт „Emerging Indie Bands“, кој на нивната листа од 90 најдобри нови бендови за 2014, ја постави „Визија“ на седмото место.
ГАРГОЈЛС
„Гаргојлс“ (Gargoyles) e бенд од Скопје составен од Мартин Георгиевски (Spewn, Instametal, Ex-The Lady Said No) на тапани и вокали, Стефан Смилјановски (Daruma) на бас-гитара и вокали и Иво Павловски (Furioin, Stagnator) на гитара. Групата е формирана во 2013 година под влијание главно на Stoner/Doom и Black/Thrash метал.
ЕКС ЈУ
„Екс ју“ (Ex – You) е млада група од Кочани, која постои од март 2014 година. Бендот брои три членови: Воислав Петров – гитара и вокал, Валентин Станчев – бас гитара и Емил Милев – тапани. Досега имаат само два настапи и тоа на „Пиволенд 2014“ во Скопје и на „Аква парк фестивал“ 2014 во Пробиштип.
КЕПУРДАТ
„Кепурдат“ (Kepurdhat) е млада инди рок група од Тетово во која членуваат Шпетим Лутфиу (вокал), Флорим Шемшиу (соло гитара), Албер Ибиши (бас гитара) и Адмир Ибраими (тапани). Оваа млада група зад себе веќе го има и првиот успех во регионот, кој дојде со нивната победа на годинава одржаниот регионален музички натпревар „Converse Rubber Tracks“.
МЕТАНОЈА
„Метаноја“ (Metanoia) е прогресивен метал бенд од Скопје оформен во 2015 година. Звукот на „Метаноја“ се одликува со длабоки, дисторзирани и ритмички сложени гитари поткрепени со моќен бас, атмосферични клавијатури со индустриален шмек, „груви“ тапани со дупла бас педала и груби метал вокали, но и класични мелодични вокали. Цели кон специфичен пост-модерен/футуристичен звук и атмосфера, а текстовите се одликуваат со филозофска, психолошка и социолошка тематика, како и субјективни и чувствени теми.
ПЛУТОС ДАУТС
Групата „Плутос даутс“ (Pluto’s Doubts) е оформена во мај 2015 од Симон Пеоски, Горјан Стојменовски, Марио Симоновски, Лука Ѓоргиевски и Дарко Поповски. Сите членови претходно фигурираат на младата музичка сцена во Македонија со авторска музика и како дел од различни бендови. Во моментов екипата на овој бенд се стреми кон издавање на нивниот прв албум.
ПРЕСЕН ЗРАК
„Пресен зрак“ е група која постои од 2011 година и која веќе има околу 30 свои песни, кои досега членовите не биле во прилика да ги објават. Целта на овој бенд е за време на своите настапи барем со една од нивните песни да допрат до сечиј вкус, па оттаму и жанрот на бендот е неопределен поради широката архива на траки која ја сочинуваат песни создадени под  различни музички влијанија и правци.
ПУЛС ЕКИПА
„Пулс екипа“ е рап група која постои две години. Од почетокот до сега има претрпено измени во составот, па актуелниот состав брои тројца членови: ТриМ, ЛУ и Бокса. Во оваа група покрај стандарден рецитал и рап има и член кој не рецитира туку прави Beatbox, а тоа е односно Бокса. До сега имаат повеќе настапи низ Македонија. Нивна замисла и цел е преку стихови на групата да го искажат тоа што им е на ум, па преку музиката да го пренесат истото до слушателите, секако во ним својствениот стил


Врати се горе ↑