Настани e98ae3cf-b587-4953-94aa-d49dd691dfc0

6 ноември, 2014

„Лузер фест“ ги избра своите финалисти!

Победникот ќе го одбереме сите заедно на 29 ноември во МКЦ

„Лузер фест“ како традиционален предвесник на главната фестивалска вечер на „Таксират“, кој по пауза од неколку години повторно ќе се одржи на 29 ноември во Младинскиот културен центар во Скопје, веќе ги избра своите финалисти. Иако првично беше најавено дека право на учество со свој настап ќе имаат осумте најдобри бендови од сите пријавени на фестивалскиот конкурс, поради огромниот број на апликации, на наше задоволство „Лузер фест“ вечерта одлучивме да трае подолго и да имаме 10 финалисти. Воедно, изразуваме огромна благодарност до сите бендови кои се пријавија во изминатите месец дена, пратија материјали за потенцијален настап на „Лузер фест“ 2014 и ни ја оправдаа вербата во младата македонска музичка сцена, јавуваат од „Пасворд продукција“.

Десетте финалисти на „Лузер фест“ се: AMBER VIRGA, CORTEX, CUTTING EDGE, KOLT, PROBLEM SOLVED, PROJECT 2501, THE PROTAGONIST, SKOPJE CREW (SKC), THE AUTHOR и TV RAGE.

Со овие имиња првиот круг на „Лузер фест“ се затвори, бендовите се одбраа, датумот се знае: сабота, 29 ноември, МКЦ, кога сите заедно ќе го одбереме победникот. Победникот на „Лузер фест“ ќе се заколне на тотална оригиналност на материјалот и беспрекорна соработка како интерно така и екстерно, а „Таксират“ за најдобрите ветува:
• Победникот на „Лузер фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд продукција“;
• Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка) и „ИНМЈУЗИК“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани бендови кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на нивниот фестивал;
• „ТАКСИРАТ“ фестивал еден од бендовите ќе го одбере да учествува како својпретставник за 2015 година во „ЦЕЕТЕП“ програмата која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.

Влезниците за „Лузер фест“ 2014 ќе се продаваат на денот на одржувањето, на билетарата на МКЦ, по симболична цена од 100 денари. Наскоро ќе бидат објавени и дополнителни информации за овогодинешното издание на фестивалот, а во меѓувреме ве повикуваме да ги поддржите младите демо бендови на лице место и заедно да ја освежиме сцената со нови сили!

Овојпат само накратко ви ги претставуваме финалистите со кои пак ќе имаме задоволство повеќе да се запознаеме и да ги чуеме во живо на годинашниот „Лузер фест“.

„Aмбер вирга“ (AMBER VIRGA) е нов македонски прогресивен метал бенд кој започна како проект во 2013 година. Стилот на музика се состои од Heavy, Not So Heavy, Death, Doom, Hard Rock, амбиентална музика и други елементи инспирирани од различни правци и бендови. Во моментов бендот е фокусиран да заврши со креацијата на својот прв албум под името „Purgatory” кој е речиси завршен. Бендот се состои од 5 члена, со тоа што тапанарската столица му припаѓа на Дејан Которчевиќ, микрофонот е резервиран за Раде Петрески, бас гитарата му тежи на Никола Веселиновски, а гитарските конци ги кинат Филип Ефински и Раде Марковиќ (кој воедно е и најновиот член во бендот). Ова е бенд кој сака на јавноста и пошироко да и презентира нешто поразлично и прогресивно.

„Кортекс“ (CORTEX) е бенд кој започна со правење музика во 2012 година. Од тогаш групата работи активно на својот авторски материјал од кој ништо нема излезено надвор од гаража како физичка копија. Нивниот звук изобилува со мрачни и агресивни инструментални композиции зачинети со груби вокали. Бендот е составен од пет члена : Дејан Сенковски (тапани), Томи Ничевски (гитара), Филип Филипов (гитара), Мики Вуковиќ (бас) и Кристијан Тошески (вокали).

„Катинг еџ“ (CUTTING EDGE) е бенд кој потекнува од Тетово, формиран во првата половина од 2014 година. Бендот во моментов работи на својот прв албум, кој е комбинација од македонски и англиски текстови. „Катинг еџ“ настојува да креира модерна музика и експериментира во повеќе жанрови во кругот на инди-рок-електро-алтернатива правецот. Членови на групата се Мики Бошкоски (вокал/гитара), Зоран Мисајловски (електроника), Игор Мариниќ (бас гитара), Новица Коцевски (тапани).


„Колт“ (KOLT) е нов рок бенд од Скопје, кој е оформен во јануари годинава од страна на Томи Апостолов (гитара) и Никола Велевски – Ник (бас). Бендот е именуван по познатиот американски индустријалист Семјуел Колт. Во наредните пет месеци Томи и Ник работат на создавање на авторски материјал, паралелно барајќи вокал и тапанар. Во јуни 2014 стапуваат во контакт со Златко Петровски (вокал) кој веднаш започнува да склопува текстови за создадените песни. Истиот месец на бендот му се придружува и Дејан Которчевиќ – Котор (тапани). Од јуни до септември „Колт“ осмислуваат коцепт за албум, кој го насловуваат „Еквилибриум“ и ги снимаат своите авторски песни.


„Проблем солвд“ (PROBLEM SOLVED) е скопски рок состав формиран кон крајот на 2010 година од страна на Виктор Захариев (гитара), Виктор Георгиевски (клавијатури) и Коста Бинов (вокал). По извесен период во бендот се приклучуваат Марио Ристовски (бас гитара) и Теодор Теодосиевски (тапани). Бендот креира авторска музика инспирирана од повеќе рок артисти со цел создавање на свој уникатен звук и стил. Имаат објавено 6 авторски песни до сега, од кои неколку беа извесно време хитови на македоските топ-листи. Со последната песна, „Лоша навика” го освоија третото место на интернационалниот рок хепенинг во Бугарија „Rock’n’Pop the borders” во конкуренција од триесетина групи од Македонија и Бугарија.

„Проџект 2501“ (PROJECT 2501) е аудио/визуелен концептуален сајберкор/сајберпанк бенд од Скопје кој постои од 2011 година. Концептот на нивната работа обработува научно-фантсатични и сајберпанк теми, честопати, но не секогаш, инспирирани од тој тип на литература или филм, во комбинација со лични ставови и искуства. Визуелниот дел се однесува и на нивните изведби, при што песните се придружувани од страна на визуелизации сработени (од страна на бендот) конкретно за изведуваниот материјал. Бендот го сочинуваат: Филип Петровски (вокал, ритам гитара); Љупчо Спиров (гитара, придружни вокали); Стефан Атанасовски (клавијатури, придружни вокали); Златко Андоновски (бас гитара, придружни вокали). Во периодот од нивното постоење, покрај самостојните настапи, имаат учествувано и на неколку фестивали, во и надвор од Македонија, од кои ги издвојуваат „офф-Таксират“ програмата (2011) во Скопје, „СајберФронт Фестивал“ (2012) во Киев, Украина и „РокМетал Фест“ (2012) во Таранто, Италија. Бендот веќе има напишано материјал (демо снимки) за издавање на својот прв албум.

„Протагонист“ (THE PROTAGONIST) е бенд оформен во 2012 година од страна на Р.С. Раш и Кузман. Со цел да остварат поеклектичен музички продукт, бендот од тогаш е постојано активен во студио работејќи на материјалот за својот сè уште не објавен деби албум „No Exit Museum“ кој лирски е основан на богат текстуален и интер-текстуален, полн со значења и провокативен концепт, а кој е мастериран од страна на Сајмон Хејворт. Групата годинава настапи и како предгрупа на концертот на Били Ајдол во рамките на фестивалот „Скопје Гори“. Зад себе имаат објавено и две музички видеа кои се најдоа на Топ 20 листата на регионалниот „Ем-ти-ви“ канал.

„Скопје кру“ (SKOPJE CREW) е рап група која постои од 2009 година, а ја чинат 7 членови: Ангело, Скитер, Стритер, Френки, Ајнштајн, Сокол, Тракер. Од самите почетоци групата промовира песни кои спаѓаат во жанрот на андерграунд хардкор хип-хоп. Имаат настапувано на повеќе настани, а меѓу најважните би ги издвоиле „Демо Фест“, „Хип Хоп награди“, на кои освоија награда за најдобри дебитанти, а се домаќини и на Меморијалниот хип хоп собир во чест на Филип Босс, кој се одржува секоја година.


„Авторот“ (THE AUTHOR) е бенд од Охрид кој вели дека музиката која ја прави не може да ја опише со еден жанр бидејќи е направена интересна комбинација од повеќе жанрови со хумористично – сатирична содржина инспирирана од секојдневните случувања. „Накратко ние тоа го крстивме ’Лиду Панк’“ – велат момците од групата. На сцената постојат од 2006 година и имаат над 20 авторски песни. Членови на бендот се: Паунковски Ѓорѓија (бас и вокал), Никола Дуклески (гитара), Климент Петроски (тапани), Хендрик Зингер (гитара). Во изминатиот период имаат учествувано на повеќе фестивали, меѓу кои „Рок-фест“ (Скопје), „Тотал Демо фест“ (Скопје), „ТБЛ фест“ (Охрид), „Ексик фест“ (Битола), „Т’k Так фест“ (Кавадарци), „Пиволенд“ (2014) и други.


„Ти-ви рејџ“ (TV RAGE) е група која постои од октомври 2012 година, а е оформена од страна на Предраг и Дамјан во подрумот на Центарот за култура во Куманово. По неколку месеци тие го комплетираат сегашниот состав со доаѓањето на Анџело Мацура на тапани. Зад себе имаат едно ЕП издание под капата на „Кран Рекордс“ и „Направи Заедно“ кое излезе на 5 јуни 2013 година. Имаат настапувано низ неколку градови во Македонија, како и два пати во Бугарија. Единствената класификација на нивната музика велат дека е рокенрол, валкан, искрен и без никакви калкукации и предиспозиции. Членови на групата се Предраг Митиќ (гитара и вокали), Дамјан Поповски (бас), Анџело Мацура (тапани).



Врати се горе ↑