Настани saem-kniga

5 мај, 2015

Луксузот за душата започна, официјално се отвори 27. Саем на книгата 2015

Вчеравечер и официјално се отвори 27. по ред Саем на книгата. Сите посетители ќе можат да уживаат во луксузот на душата следните 7 дена. Овогодинешниот Саем на книгата ги обедини сите изложувачи, така што овој саем е со најголема концентрација на книги и автори до сега, како и една од најатрактивните манифестации чиј број на посетители се движи околу 40.000.

,,Сите овие активности и проекти од издавачката дејност кои ги реализираме или се во фаза на реализација, ги потврдуваат нашите заложби за афирмација и достапност на македонската литература на национално и меѓународно ниво и меѓународно ниво и побрза интеграција на македонската книжевност во светските современи текови“, изјави д-р Елизабета Канческа-Милевска, министерка за култура.

На синоќешното свечено отворање, освен  министерката за култура, д-р Елизабета Канческа-Милевска, свое излагање пред медиумите и присутните имаа директорката на Скопски саем, Даниела Глигоровска, претседателот на Здружението на издавачи и книжари на Македонија, Горјан Лазаревски, како и академик Катица Ќулакова, кои го прогласија овој Саем за отворен и ги поздравија сите оние кои беа дел од свеченото отворање.

,,За овие активности би сакала да се заблагодарам на здружението на издавачи и книжари на Македонија, како и на здружението на Албанските издавачи на Република Македонија како долгогодишни соработници на Скопски Саем во реализацијата на Саемот на книгата“, изјави Даниела Глигоровска, директорка на Скопски саем.

Во Метрополис Арена, на 3.000м2, повеќе од 70 издавачи се дел од 27. Саем на книгата 2015, меѓу кои најпознатите домашни, но и од регионот и Европа. Шведска, Италија, Косово, Албанија и Србија се земјите кои се гости издавачи.

Над 50.000 наслови имаат за цел да ги импресионираат сите посетители и присутни. Работното време на Саемот на книгата е од 10.00-20.00 часот. Цената на влезниците за Саемот на книгата за посетители е 30 денари, а за организирани групни посети – 20 денари.

Вообичаено богатата понуда на издавачката продукција овозможуваат силна конкуренција за избор на најдобро издание меѓу двата саема, најпродавана книга на Саемот, како и наградата за најдобар книжар на годината во Македонија кои се доделуваат од страна на Здржението на издавачи и книжари на Република Македонија, годинава – во сабота 9 мај во 19.00 часот.

Читателите секојдневно ќе може да ги следат промоциите на најновите изданија и на нивните автори на голем број домашни и странски издавачки куќи во Промотивниот центар на Галеријата во Метрополис Арена.

Тематската програма на промоции вклучува: Ден на македонска поезија, Промоција на млади автори, Ден на егзистенцијализмот, Големите сведски талкачи, Ден на екранизирана уметност, Сонуваме ѕвезди (средба на децата со поетите).

Несомнено, огромно е значењето на Саемот на книгата, како една од најмасовно посетените саемски манифестации кај нас, која учествува во создавањето на традицијата и култот кон пишаниот збор, кој секако ги обединува луѓето.

Читајќи книга сите граѓани си овозможуваат луксуз и благодет на душата.

Во четврток, на 7 мај, се отвораат и следните саемски манифестации: Саемот на туризам, Виз Ер Скопје Маратон Експо, Денови на образование и кариера, кои ќе траат до 9 мај.

Многу нови изложувачи, национални учества, голем интерес и убава содржина ќе има на саемите кои претстојат, порачуваат од Скопски саем.



Врати се горе ↑