Аудио Lude zene 1

26 март, 2013

„Лудите жени“ се прашуваат „Кому припаѓаат“

По успешниот прв сингл и видео запис за „Моја драга“, во кој гостуваше Зоран Предин, групата „Луди жени“ претставуваат уште една нумера од претстојниот нов албум. Овој пат составот од Ужице ја претставува „Коме припадам“, песна која настанала уште пред дваесетина години.

„Како што рекол Чарлс Буковски: ’Интелектуалец е човекот кој едноставните нешта ги соопштува на комплициран начин, уметник е човекот кој комплицираните нешта ги кажува на едноставен начин’.“– вели Александар Ковачевиќ, еден од двата пејачи на групата „Луди жени“, додавајќи: „Ова е една едноставна, директна и искрена приказна за неверојатно комплицираната појава која се вика секојдневен живот. Во неа нема ништо нејасно за секој оној кој има работа, семејство, пријатели, свои и нејзини/негови родители, стан, автомобил и куп сметки и кредити за враќање. Оние кои не спаѓаат во оваа категорија, не вреди ни да им се објаснува. Најважното е тоа што оваа приказна е универзална и во музички и во текстуален поглед, со ништо не е поврзана за просторот и времето во кое настанала. Веројатно затоа и преживеала дваесет години, за разлика од многу други песни напишани во тоа време.“

Ковачевиќ понатаму објаснува дека ни самите членови на бендот не се сеќаваат во која постава делувале во периодот кога настанала песната „Кому припаѓам“, која ќе заземе место на нивниот втор албум „Армија лавова“ (Армија на лавовите), чие објавување се очекува наскоро. Вториот сингл од ова издание може бесплатно да се преземе од фејсбук страницата на бендот, а можете да ја преслушате во продолжение.

 

„Времето е такво какво што е, државата е таква каква што е, луѓето се такви кави што се и тоа не може да се промени или барем не може без многу мака, а можеби и не треба да се менува. Што повеќе се менуваат нештата, сè повеќе остануваат исти. Но, да се тргнеме од аматерското филозофирање: нашата единствена цел отсекогаш била што повеќе да свириме и да се забавуваме каде и да нè поканат.“ – порачува Душко Цицвариќ, гитаристот на овој состав, навестувајќи концертни активности за кои наскоро ќе бидат објавени повеќе информации.



Врати се горе ↑