9 септември, 2013

„Лудите жени“ го најавија крајот на летото со нов видео сингл

Ужичкиот состав „Луди жени“ деновиве го претстави следниот сингл од актуелниот албум. Првиот сингл кој го најави нивниот втор студиски албум беше песната „Моја драга“, во која гостуваше Зоран Предин, а овој пат „Лудите жени“ составени од Александар Ковачевиќ, Душко Цицвариќ, Зоран Ѓукиќ, Радован Цицвариќ, Михаило Мајсторовиќ и Виктор Костадинов одлучија да ја екранизираат песната „Лету че скоро крај“.

„Како и “Моја драга“, така и овој видео запис е изработен во соработка со момците од продукциската куќа со згодно име Кан и лингус од Белград. Видео записот е снимен кај нас во Ужице, во градскиот културен центар. Инаку, оваа видео презентација е увертира за нашата претстојна мини турнеја која ќе започне во октомври и која ќе ја работиме со нашите пријатели, англиско-српскиот состав Гимп, чија музика топло им ја препорачувам на сите љубители на сурф рокот, рокабили и сличните жанрови.“ – изјави Душко Цицвариќ, запознавајќи ја јавноста и со претстојните активности на бендот.

Составот основан кон крајот на осумдесеттите години, кој повторно се активира пред неколку години, го објави своето второ студиско издание кон средината на месец април годинава, а албумот насловен „Армија лавова“ е достапен и за бесплатно симнување на следниот  линк, но може да се набави и како цеде формат. Новиот видео запис можете да го видите горе.

 

 



Врати се горе ↑