14 јули, 2015

Лозано со нов видео запис и настап на „Славјански базар“ во Белорусија

Еден од најдобрите пејачи на македонската поп-рок сцена, Влатко Лозаноски – Лозано, денеска заминува за Витебск, Белорусија, каде ќе настапи во ревијалниот дел на фестивалот „Славјански базар“, а неговиот најнов хит „Како тебе нема друга“ доби преубав видео запис.

„Идејата за оваа песна е од пред две години, полека ја работевме и ѝ се навраќавме. Сега е вистинскиот момент за неа. Верувам во љубов, вистинска и искрена, тоа го препознава мојата публика. Сите мои чувства ги внесов пеејќи ја оваа песна, која е приказна за двајца вљубени, за две навистина сродни души“, вели Влатко Лозаноски.

Лозано ја продолжува успешната соработка со Лазар Цветкоски, кој е автор на музиката и аранжманот, и Магдалена Цветкоска, која ги напиша стиховите за „Како тебе нема друга“. Цветкоски вели: „Песната по стилот потсетува на музичките почетоци на Влатко Лозаноски и неговиот прв албум, но секако вметнавме и нови елементи. Сигурен сум дека ќе биде голем хит, не само летово, туку ќе се слуша многу подолго.“

Видео записот, кој е снимен во „Рагуза“, е во продукција на „Горила филмс“, режијата и монтажата се на Горан Костадинов, а снимател е Кристијан Теодоров. За изгледот беше задолжена Викторија Арсовска, за шминка и фризура фризерското студио „Ив“, а впечатливите очила се од „Диоптра оптик“. Покрај Лозано и прекрасните девојки, во видео записот се појавува и неговиот долгогодишен пријател и соработник – тетовскиот музичар Милан Миланов, кој напишал дел од неговите најголеми хитови.

Лозано денеска заминува за Витебск, Белорусија, каде по покана од организаторите на меѓународниот музички фестивал „Славјански базар“ ќе настапи како гостин во ревијалниот дел заедно со Дамјан Пејчиноски, еден од најдобрите македонски гитаристи. На овој фестивал, кој важи за еден од најпрестижните  фестивали во светот и на кој секоја година учествуваат реномирани пејачки имиња, Лозано учествуваше во 2009 година и го освои второто место.

Годинава освен што ќе настапи во придружба на големиот фестивалски оркестар, тој ќе биде и член на жирито. Интересно е да се спомне дека меѓу учесниците е и Александар Рибак, евровизискиот победник од 2009 година.



Врати се горе ↑