Видео

11 март, 2019

Лозано ја претстави новата емотивна песна „Мајко“

Уште со најавната фотографија за новата песна и видео на Влатко Лозаноски знаевме дека станува збор за уште една емотивна музичка приказна од кичевскиот славеј, овој пат посветена на сите мајки, особено оние чии чеда заминуваат во туѓина… Популарниот пејач, кој на 23 март ќе го одржи својот голем славенички концерт по повод 10 години кариера, отсекогаш добивал особено позитивни критики со изведбите на нашите прекрасни народни песни, а токму во штотуку објавената „Мајко“ го направи можеби најдобриот спој на етно и поп-елементи.

Без никакво изненадување, авторскиот тим и овој пат е „тимот што победува и не се менува“, односно композиторот, аранжер и продуцент Лазар Цветкоски и неговата сестра Магдалена Цветкоска Ена, чии емотивни стихови одлично ја дополнија раскошната композиција, во чие создавање учествуваа и Илија Филиповски на виолини и Војче Петрушев на хармоника, додека придружните вокали ги отпеаја самиот Лозано, Магдалена и Лазар.

Сето тоа визуелно го дополни веќе редовниот соработник на Лозано, охридскиот режисер и продуцент Даниел Јовески, а освен Лозано, во видеото се појавуваат и „мајката“ Јасмина Билаловиќ и „детето“ Никола Бошковски. За нивниот изглед се погрижија стилистот Андреј Папаз и шминкерот Павел Маслов.

„Не жали, жали, не жали за ништо сине не жали, кажи ми моја мајко, утеха дај ми само, излажи ме бар ти“, пее кичевчанецот во неговата нова песна, која во живо ќе можат да ја слушнат сите на претстојниот концерт на 23 март во арената „Борис Трајковски“, а како изгледа и звучи „Мајко“ дознајте во продолжение. Уживајте!

 



Врати се горе ↑