Видео

6 ноември, 2018

Лозано има нова „Надеж“

Оваа јубилејна, десетта година од кариерата на Влатко Лозаноски се покажа како најплодна досега, па освен со анимираната „Камо тебе да те имам“, велигденската химна „Километри“ и летниот хит Јако, јако“, кичевскиот славеј сега нè почести и со уште еден потенцијален хит, кој слободно можеме да го вброиме меѓу неговите најдобри песни досега.

Станува збор за оптимистичната тема насловена едноставно „Надеж“, чии автори секако дека се неговите најверни соработници Лазар и Магдалена Цветкоски, кои и овој пат се надминаа себеси, а во создавањето учествуваа уште и Бојан Рафајлоски на гитара и Сирта Сакс на саксофон.

„Надежта“ стигна заедно со екранизација што ја изработи екипата на продукцијата „Веста“, под режисерската палка на Бојан Тасетовиќ, со Александар Јоначиќ зад камерата, а Ана Костевска се погрижи за монтажата. Покрај Лозано, главната женска улога ја одигра Билјана Шкортова, а снимањето се одвиваше на повеќе локации во Скопје, Тетово и во Битола.

„Ако има надеж, ако има трошка кадеж ко првиот ден да сме јас и ти“, пее Лозано, кој допрва треба да го организира и славеничкиот концерт, како и да го промовира долгоочекуваниот 3. по ред студиски албум, симболично насловен Десет“а тука е и дуетската верзија на „Ја излези Ѓурѓо“ со „Некст тајм“… Се надеваме дека сето тоа ќе се реализира во најскоро време, а дотогаш уживајте со оваа прекрасна нова „Надеж“!



Врати се горе ↑