Балкан IMG_4739

3 октомври, 2017

„Лошите печурки“ порачуваат дека е „Време за промени“

Загребскиот ретро хард-рок бенд „Бед машрумс“ го објави новиот сингл и видео за песната насловена „Вријеме промјена“ (Време за промени). Режисер, снимател и монтажер на видеото овој пат е Горан Мандиќ – Лименикс, со кого бендот веќе соработуваше за екранизацијата на „Демони“, а околу снимањето помогнале и Иван Јандриќ и Давор Шутало.

Бендот се заблагодарува и на екипата на бањалучкиот „Демофест“, која им отстапи снимки од нивниот настап во 2016 година.

21314573_10211563291492457_8123799050761282432_n

„Првичната идеја беше да снимиме што повеќе наши настапи од изминатите година дена и да им ги доловиме нашите настапи на сите оние кои никогаш не нè гледале во живо. За спотот да биде повпечатлив и подобро да го следи текстот на песната, одлучивме да вметнеме и актуелни снимки од нереди и протести ширум светот“, објаснуваат момците, додавајќи дека и самата песна е доста поинаква од нивните претходни дела.

„За првпат имаме гостување во форма на придружни вокали, кои одлично ги сработи Ана Влашиќ. Стилски се одлучивме малку да проучуваме за нас неистражени подрачја, па во хард-рокот вметнавме елементи на психоделична музика, дури и малку диско“, додаваат тие.

12745877_10153489823697428_4106052095201999211_n

Музиката е дело на Јан Томашевиќ, а стиховите ги напиша Домагој Олујиќ. 

„Песната настана од преголемото разочарување од сегашната ситуација и општата апатија, со мисла дека сами сме виновни за сè. Јас лично сметам дека приказната нема таков крај и сметам дека ние, како идна генерација, можеме да оствариме барем некои цели, но само ако се држиме заедно и ако престанеме да бидеме лицемерни“, вели авторот на текстот, Домагој Олујиќ.

Миксот, мастерингот и комплетната продукција на песната ги работеше гитаристот на бендот, Иван Домаќиновиќ, а тонски сниматели се Иван Јандриќ, Иван Домаќиновиќ и Јан Томашевиќ.

Со новиот сингл бендот воедно најавува и концерт, кој ќе се одржи во загребскиот клуб „Хард плејс“ на 7 октомври, а ние се надеваме дека во рамките на следната турнеја ќе ја вклучат и Македонија.

www.facebook.com/BadMushroomsRock/

badmushrooms.bandcamp.com/

www.youtube.com/channel/UCmcfR1IXqmfS-lgDR37XScg

 



Врати се горе ↑