Македонија l_3e6d6e0447a54c8cb484e5ea4716bcaa

8 ноември, 2012

Лоши деца со нов албум

„Еј другар дојди на Oi! party!“ Лоши Деца се враќаат на сцената со нивниот втор студиски албум под наслов „БОРБАТА ПРОДОЛЖУВА“,  кој ќе биде промовиран на 13ти ноември оваа година.

Лоши Деца е бенд посветен на уличниот панк или стрит панк (street punk), каков што ретко се наоѓа во Македонија. Нивните фанови ги препознаваат како творци на текстови и музика исполнети со реалноста која нѐ опкружува и како бенд кој „ќе ве натера да го слушате гласно и да ги нервирате комшиите кои имаат членски книшки“.

Оваа „oi! oi! pogo party“промоција на Лоши Деца ќе се одржи во автентичниот дух на уличниот панк, на култната собирна локација која андерграунд публиката добро ја познава како „Форум“. Со промоцијата на нивниот втор албум на 13ти ноември, на коцките каде што започна борбата, ќе продолжи и забавата. За сите носталгични идејни бунтовници можеби „Коцка“ веќе ја снема, но има еден квадрат во градот кој сѐ уште верно се чува од овие “лоши, лоши деца“!

Бендот е формиран 97/98 година под името СОЛУНСКИ АТЕНТАТОРИ и под влијание на бендовите од британската ОИ-панк сцена како: Condemned 84, Cockney Rejects, Blitz, Cock Sparrer, Infa Riot, Ejected и многу други. Дури во 2000та година се случува нивниот прв настап за потоа да следи и промена на името од С.А. во ЛОШИ ДЕЦА.

Во 2003та година бендот го издава и својот прв студиски албум под наслов “НАЧИН НА ЖИВОТ” како награда за победата на “Лузер Фест 03” (одржан во рамките на Таксират фестивалот таа година) од кои излегоа панк хитовите „Работник во трета смена“, „Жута минута“, „Живееш ти“, „Нема да се смениме“…Потоа следува активно настапување и промовирање на албумот на голем број клубски свирки, но и на поголеми фестивали во Македонија. Во 2007ма Лоши Деца настапија и како предгрупа на култните Toy Dolls во МКЦ во Скопје. Бендот има настапувано и со UK Subs (Аларм Фест ’02), како и многу други познати панк бендови.
Оваа преслушувачка промоција на “Борбата Продолжува” која ќе започне во 20:00 часот, е само вовед во концертната промоција –  точно 10 дена потоа, на 23ти ноември, во рамките на PIN – првата музичка конференција во Скопје!

 



Врати се горе ↑