3 март, 2017

Лорд се враќа со „Green Light“

Новозеландската ѕвезда конечно се враќа на сцената со нов сингл и најава за нов албум, кој ќе го наследи мошне успешното првенче „Pure Heroine“ од 2013 година. Имено, Лорд вчера ја објави темата насловена „Green Light“, за која пејачката се инспирирала од нејзиното прво посериозно раскинување на врска. „Ова е само почеток на едно ново поглавје, нова приказна која ќе ви ја раскажам во наредниов период“, откри пејачката во разговор за Би-би-си, а како звучи и изгледа сето тоа можете да погледнете горе.

За новиот, втор по ред студиски албум на Лорд сè уште нема многу информации, освен дека ќе го носи насловот „Melodrama“ и ќе биде објавен подоцна годинава, како и дека главна инспирација ѝ бил Дејвид Боуви. Кога двете ѕвезди се сретнаа во 2014 година, легендарниот музичар рекол дека кога ја слуша нејзината музика е како да ја гледа иднината, а минатата година, после неговата смрт, Лорд на одличен начин му оддаде чест на својот идол со настап на британските музички награди.

„Имав чувство како цело време додека работев на новите песни, во мислите бев со него… Тешко е да се направи нешто и да не се помисли, што би мислел Дејвид за ова? Ако би имала можност да му го пуштам ова, што би рекол?“, откри таа во разговорот со Би-би-си, а интересно е тоа што дел од новиот материјал беше снимен во студиото „Електрик лејди“ во Њујорк, каде што Боуви ги напиша и сними хитовите „Fame“ и „Blackstar“.

 



Врати се горе ↑