Свет Lorde

7 ноември, 2013

Лорд одби соработка со Дејвид Гета

Една од најактуелните изведувачи во моментов, младата музичарка Ела Марија Јелиќ О’Конор од Нов Зеланд, попозната под псевдонимот Лорд, која со својот хит сингл „Royals“ го освои врвот на скоро сите топ листи ширум светот, вклучувајќи ја и билбордовата Хот 100 листа, ја одбила понудата за соработка од францускиот диџеј и продуцент Дејвид Гета. Иако поголемиот дел од младите уметници без двоумење би ја прифатиле оваа понуда, со оглед на тоа што Гета ги продуцираше најдобрите хитови за имиња како што се Ники Минаж, Сиа и Ашер, сепак Лорд (која денеска полни 17 години) не сакала да биде дел од претстојниот албум на Гета насловен „No. F–k No“.

Како што пренесува интернет магазинот FasterLouder, таа за Гета буквално рекла: „Тој е толку одвратен.“ Ова не би било толку чудно со оглед на тоа што Лорд го освои светот за многу кратко време. На прашањето кој е нејзиниот продуцент од соништата, таа едноставно одговорила: „Мислам дека тоа е Дипло“.

Девојката која се крие позади псевдонимот Лорд има хрватско и ирско потекло. Нејзината мајка Соња Јелиќ е позната поетеса во Нов Зеланд, а токму нејзините дела ја инспирирале младата Ела да пишува едноставни текстови, но со големо значење. По ЕП изданието „The Love Club“, својот деби албум насловен „Pure Heroine“ го објави во септември годинава. Токму на овој албум се најде и мега хитот „Royals“, кој можете да го слушнете во продолжение.

 



Врати се горе ↑