Настани modestep

9 ноември, 2015

Лондонскиот дабстеп феномен „Модстеп“ за затворање на 17. „Таксират“

На 17. издание на „Таксират“ ни пристигнува диџеј составот на извонредната лондонска дабстеп група „Модстеп“ (MODESTEP). Групата која само со песните од својот прв албум оствари над 100 милиони прегледувања на своите интернет канали, по одредена пауза годинава повторно ја покори светската „бејс“ сцена со објавувањето на новиот албум „London Road“ (мај 2015)! Албумот е веќе номиниран за „најдобар бејс албум“ во 2015 година на „Bass Music Awards“, манифестација која на 12 ноември ќе се одржи во култниот клуб „Ministry of Sound“ во Лондон. Во рамките на турнејата за „London Road“, „Mодстеп“ со својот диџеј сет ќе настапат за првпат и во Скопје, на 7 декември во арената „Метрополис“, за затворање на главната вечер на фестивалот „ТАКСИРАТ“.

 

„Модстеп“ е една од најпрогресивните групи на „бејс“ сцената која е вклучена и во „ростерот“ на славната „Ју-кеј-еф мјузик„ (UKF Music) – најголемата и најзначајната светска музичка платформа посветена на проширување, претставување и промовирање на сите аспекти на андерграунд и „бејс“ музичката култура. Нивниот музички стил е сосема уникатен, со нагласени прогресив електро и дабстеп влијанија, но и хардрок звук надополнет со вокалот на Џош Френд. Токму поради овој стил, критиката ги поставува „Модстеп“ рамо до рамо со бендови како „Пендулум“ (Pendulum) и „Продиџи“ (The Prodigy), а истовремено и во листата со артисти како „Скрипт“ (The Script), Скрилекс (Skrillex), Ед Ширан (Ed Sheeran) и „Флукс павиљон“ (Flux Pavilion).

 

 

Групата оформена во 2010 година, започна да работи на својот деби албум на почетокот на 2011 година, со објавувањето на деби синглот „Feel Good“ кој уште во периодот пред официјалното објавување најде свое место на официјалната плејлиста на британското BBC Radio (Би-би-си Радио). Веќе во февруари, синглот дебитираше на 38. место на официјалната британска сингл листа (UK Singles Chart), а истовремено се искачи на 5. место на листата за независни изданија и 6. место на денс листата. Истата година групата го објави видео спотот за синглот „Sunlight“, кој за само четири дена надмина 1 милион прегледувања а истотака се најде на А-листата на BBC Radio и дебитираше на 16. место на британската листа. Синглот „To The Stars“, кој го објавија во ноември го повтори истиот успех. Следната година, во 2012, со четвртиот сингл „Модстеп“ официјално го најави објавувањето на првиот албум Evolution Theory. Албумот конечно беше објавен дури во февруари 2013 година и очекувано веднаш го најде своето место на самиот врв на листите во Британија, но и во топ 10 листата во САД.

 

 

По подолга пауза, извонредните „Модстеп“ на голема врата се вратија на сцената во јануари годинава, објавувајќи го синглот „Snake“ со кој го најавија и својот втор студиски албум „London Road објавен на 25 мај 2015, преку нивната сопствена етикета „Макс рекордс“ (Max Records). Изминатото лето започна и официјалната промотивна турнеја на „Модстеп“ за албумот „London Road“, која сѐ уште трае. Во рамките на оваа турнеја, „Модстеп“ одржа настапи на најголемите фестивали ширум светот, меѓу кои и настапот на главната бина на престижниот фестивал „Рединг“ (Reading), а на 7 декември конечно, за првпат доаѓа пред македонската публика на фестивалот „ТАКСИРАТ“!

 

Покрај „Модстеп“, на „ТАКСИРАТ“, на 7 декември во арената „Метрополис“, потврдени се и настапите на великаните на авангардата ЛАЈБАХ“, жестоките каталонци „ЛА ПЕГАТИНА“, култниот хип хоп состав „САФ“ и Тони Китановски со „Литл биг бенд“! Наскоро очекувајте и нови изведувачи кои ќе се приклучат во програмата за главната вечер на „ТАКСИРАТ“, со која фестивалот ќе го прослави своето 17. издание.

ЗАПОЧНА ПРОДАЖБАТА НА ПРОМОТИВНИТЕ ВЛЕЗНИЦИ ЗА „ТАКСИРАТ 17“

Денеска (9 ноември) започнува продажбата на првите влезници за главната вечер на ТАКСИРАТ кои ќе бидат достапни со промотивна цена од 499 денари и само во ограничен број! Овие влезници наменети за најверните и најбрзите „таксиратлии“ ќе се продаваат преку продажната мрежа на МКтикетс, како и онлајн.

Време е!
Преврти го Скопје наопаку!



Врати се горе ↑