Концерт

11 јуни, 2019

„Љубов и револуција“ со Македонската филхармонија во Градски парк

„Љубов и револуција“ е насловен концертот на отворено, што Македонската филхармонија ќе го одржи на 29 јуни во Градски парк во Скопје. Оркестарот ќе изведе популарни теми од сферата на поп, рок и панк-музиката, а на репертоарот ќе бидат хитови на „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, „Секс пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Ролинг стоунс“, „Пинк Флојд“, Дејвид Боуви и „Рамштајн“. Аранжманите се на Џијан Емин, кој ќе биде и диригент на концертот.

Покрај Оркестарот на Филхармонијата, ќе настапат и хорот „ПроАрс“ под диригентство на Сашо Татарчевски и бенд составен од Александар Поп Христов – гитара, Зоран Костадиновски – гитарa, Иван Бејков – бaс и Гоце Стевковски – тапани, кои на 23 јуни ќе свират и на концертот „Ну погоди!“, исто така во Градскиот парк, во чии рамки ќе биде изведена музика од култните цртани филмови од земјите од источниот блок („Балтазар“, „Ну Погоди“, „Как Казаки“, „Козле Бозле“, „Густав“, „Балтазар“, „Мечето Ушко“…).

Настанот е со почеток од 21.00 часот.



Врати се горе ↑