Македонија iveta-magdalena-fyr-macedonia-jesc-2015-600x392

9 ноември, 2015

Љубов и искреност од Македонија за Европа: Ивана и Магдалена ќе воодушеват на Детската Евровизија

Љубовта и искреноста, играта и музиката се нештата кои треба да ги спојуваат децата и луѓето од целиот свет во една голема и шарена плетенка. Ова е пораката која Ивана Петковска и Магдалена Алексовска ќе ја испратат со својата песна „Плетенка“ (Bread of Love) од сцената на Детската Евровизија, која што ќе се одржи во Софија на 21 ноември. Овие две девојки заедно со членовите на балетското студио „Аква“ од Скопје, кои неодамна се вратија од светскиот танчерски натпревар во Италија каде постигнаа одличен успех, за неколку дена ќе отпатуваат за Софија каде со уште 16 земји ќе се борат да го направат најголемиот успех на Македонија на Детската Евровизија, а тоа е да се пласираат подобро од 5. место.

Музичките критичари кои го следат Детскиот избор за песна на Евровизија велат дека „Плетенка“ е слатка, забавна и игрива песна со заразен рефрен, а Ивана и Магдалена се одлични пејачки кои имаат енергија и најважно од се шират позитивна енергија која секој може да ја почувствува откако ќе ја слушне песната. Според нив, иако песната малку потсетува на ритам од 80-те, сепак гласовните можности на Ивана и Магдалена кои веднаш доаѓаат до израз едноставно совршено се вклопени за на крај „Плетенка“ да биде една забавна песна која кога прв пат ќе ја ислушате, веднаш ќе сакате да ја пуштите повторно.

„Песната е весела и ентузијастичка, има заразен ритам, а шармантните девојки на еден одличен начин успеваат да ни ја претстават ’Плетенка’ во вистинско евровизиско светло. Мелодијата е едноставна и влегува во уво, некако те тера цело време да ја слушаш и потпевнуваш. Досега Македонија во историјата нема некој поголем успех со Детска Евровизија и сè уште некако го бара својот идентитет, па мислам дека токму Ивана и Магдалена можат да бидат една пресвртница бидејќи оваа песна е автентична, девојките се весели, разиграни, на видеото се забавуваат на покрив заедно со машки бенд кој е зад нив и изгледаат доста самостојно. Целата приказна изгледа прекрасно, тие ја пренесуваат целата приказна од Македонија, но и од целиот свет, дека девојките на нивна возраст се забавуваат, уживаат, разговараат меѓу себе и уживаат во животот. Мислам дека едноставната кореографија може да успее на Евровизија бидејќи изгледа искрено, на пр. за разлика од Џастин Бибер и останати тинејџерски ѕвезди кои и се надевам дека девојките ќе бидат опуштени на сцената и ќе успеат да ја пренесат својата порака“, изјавија познати музички критичари кои ја следат Детската Евровизија.

 

Според пропозициите, Ивана и Магдалена се и автори на песната, а во создавањето помогнаа и познатите наши пејачи и автори, Ристо Самарџиев и Кристијан Габроски. Останува само да им дадеме поддршка на нашите претставнички и да стискаме палци да успеат да остават длабока трага во историјата на Изборот на Детска песна на Евровизија.

 

 



Врати се горе ↑