Галерија IMG_7745

13 мај, 2015

Литературната манифестација „Илинден 2015“ официјално го означи својот почеток

Литературната манифестација „Илинден 2015“, која важи за голем поддржувач и начин на кој се воздигнува културата кај нас, вчера вечер и официјално го означи својот почеток. Пред многу бројната публика присутна во Домот на култура „Илинден“ во општина Илинден и официјално започна оваа манифестација којашто ќе трае до сабота, 16 мај. Настанот беше отворен од страна на градоначалникот на општина Илинден, м-р Жика Стојановски, како и г-дин Раде Силјан, кои срдечно се заблагодарија на многубројната публика и најавија денови за паметење.

Со стиховите од книгата „Слики“ на македонската поетеса Гордана Михајлова Бошњаковска и изложбата на академскиот сликар Васка Дудин и официјално започна културната манифестација „Илинден 2015“.


Денеска, 13 мај, во 12 часот се случуваше литературна средба со писателот Велко Неделковски, а во 19 часот ќе се промовира романот на Верче Карафилоска, „Бездомникот со златен часовник“. За сите љубители на културата и ваквите убави настани, организиран е превоз од пред порта „Македонија“ во 18 часот со брендиран автобус „63“, кој ќе ги однесе посетителите до општина Илинден и врати кога ќе заврши вечерашниот настан.

Во рамките на литературната манифестација „Илинден 2015“, во Домот на културата на општината, на 14 мај (четврток) во 19 часот ќе биде промовирана  антологијата на балканската поезија под наслов Светиот пат, што ја приреди македонскиот поет и литературен критичар Раде Силјан, а ја објави книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје. Делото ќе го промовираат Паскал Гилевски и Стефан Влахов Мицов, а стихови ќе читаат десеттина македонски писатели, како и неколкумина писатели од Црна Гора, Грција и Бугарија.

Во антологијата „Светиот пат“, на која авторот работел над триесет години, застапени се двесте и шест автори од дванаесетте балкански држави: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Романија, Словенија, Србија, Хрватска, Турција и Црна Гора.

Во петок, 15 мај, програмата е уште побогата и голем дел од неа е наменет за анимација на децата и младите. Започнувајќи од 12 часот ќе се случува литературното матине за деца во кое ќе настапуваат истакнати македонски писатели за деца и млади. Ќе се посетуваат и училиштата во општина Илинден, како и доделување на награди и пофалници за најуспешните поетски творби пристигнати на литературниот конкурс распишан од општина Илинден.

Во 19 часот започнува поетскиот митинг „Стихови за душата“, на кој свое обраќање ќе има м-р Жика Стојановски, градоначалник на општина Илинден. На свеченото отворање свои обраќања ќе имаат и Веле Смилевски, претседател на ДПМ, како и настап на дваесет и пет писатели од Македонија и од балканските држави.

Вечерта ќе заврши со доделување на благодарници и признанија.

Во сабота на 16 мај, во 10 часот ќе има разгледување на природните убавини на општина Илинден и заедничка дружба во манастирскиот комплекс „Свети Ѓоргија“ во Дељадровци.



Врати се горе ↑